Полска и Бугарија со апел до своите граѓани: Напуштете ја Русија

Бугарската и полската влада ги повикаа своите граѓани итно да ја напуштат Руската Федерација бидејќи граничните премини би можеле да станат поотежнати и затворени бидејќи сѐ повеќе луѓе бегаат од принудната мобилизација во Русија.
„Ве повикуваме да се воздржите од патување во Руската Федерација и се препорачува бугарските граѓани таму, да размислат за напуштање на земјата што е можно поскоро, користејќи ги моментално достапните транспортни средства“, соопшти во вторникот бугарското Министерство за надворешни работи, пишува Гардијан во средата.
Полското Министерство за надворешни работи упати слична покана, јави полската ТВП. Тие објавија дека Полска ги прекина летовите со Русија и ги повикаа граѓаните кои се во Русија, да заминат од таму.

„Во случај на драстично влошување на безбедносната ситуација, затворање на границите или други непредвидени околности, евакуацијата може да биде значително потешка, па дури и невозможна… Граѓаните на Република Полска, кои се на територијата на Руската Федерација, им се препорачува да ја напуштат нејзината територија со достапни комерцијални и приватни средства“, се наведува во соопштението.

Од 21 септември, кога Кремљ најави делумна мобилизација на резервниот состав на руската армија, десетици илјади мажи на воена возраст ја напуштија Русија, особено во поранешните советски републики во Централна Азија и Кавказ.