Бочварски: Филмскиот град на Џон Малкович како проект бара координација со Општина Карпош

Благој Бочварски, министерот за транспорт и врски, при денешната посета во Пробиштип, одгопварајќи на новинарско прашање рече дека треба да се доработат дополнителни детали за холивудскиот проект „Филмски град“ и дека Владата за тоа ќе се координира со Општина Карпош.

– До комисијата при Влада беше доставено такво барање за проект од страна на неколку компании. Тоа барање беше препратено до Министерството за транспорт и врски и кај нас се формираше оперативна група и комисија која одржа еден прв прелиминарен состанок кој што првично ги разгледа документите. Во текот на денешниот или утрешниот ден групата ќе го испрати овој допис до Владата и ќе ја информира за тоа каква е документацијата, што е потребно дополнително да се појасни во однос на овој проект и ќе треба да се дискутира, рече Бочварски.

Според министерот, ќе бидат потребни дополнителни координации со Општина Карпош поради тоа што земиштето е на тамошната територија.

– Општина Карпош ќе треба да има уште еден состанок со сите надлежни институции,  Агенцијата за катастар за недвижности, и сите оние прашања кои што ќе се јават да ги расчистиме со цел навремено да ја информираме Владата за идните чекори и постапки, за кои ќе информираме наредниот период, додаде Бочварски.

Тој изјави дека не сака да споменува рокови, затоа што треба „да се има јасна слика на терен“.

– На таа микро-локација на инвеститорот веќе има на сила изработен и донесен Детален урбанистички план на Општина Карпош и затоа треба со нив да ја разгледаме целата постапка, да не има некое приватно земјиште, кориснички права, затоа што во скеој проект се важни имотно-правните прашања, смета Бочварски.

На крај, како што рече, на владината комисија, предводена од вицепремиерот Фатмир Битиќи, ќе се разговара за финалниот став откако ќе бидат готови сите документи.