
Ниту на мене ниту на моите сограѓани никогаш не можете да им кажете дека зборуваат на погрешен јазик, рече пратеничката Соња Мираковска, копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет на Северна Македонија-ЕУ за време на дебатата во Европскиот парламент во Стразбур.
Во дебатата бугарскиот европратеник Александар Јорданов посочи дека Советот на ЕУ дал став во кој е јасно кажано дека Македонија пред сè треба да изврши промена во својот Устав за да ги отпочне реалните преговори за членство во ЕУ.
Мираковска на тоа реплицираше дека таа е Македонка, зборува на македонски јазик и живее во Македонија и оти тоа е нејзиниот идентитет.
„Ги признавам моите сограѓани Албанци, Турци па и Бугари ако ги има. Македонија е пример за мултиетничко општество“, посочи Мираковска.
Таа додаде дека поради долгото чекање на земјава за отпочнување на преговорите со ЕУ се појавил голем проблем, а тоа како што рече, е земањето бугарски пасоши.
„Вие имате бугарски пасоши кои се регистрирани на една бандера во град во Бугарија. Вие имате бугарски пасоши кои се дадени на сосема нелегален начин и тоа е нешто што треба да се испитува во иднина. Тоа е ваш проблем кој вие треба да го решавате“, заклучи Мираковска.