Кси на конгресот акцентот го стави на безбедноста

Кинескиот претседател Кси Џинпинг на почетокот од јубилејниот 20-ти конгрес на владејачката Комунистичка партија во своето обраќање повика на забрзување на јакнење на кинеската армија од светска класа, и особено го истакна одговорот на пандемијата на Covid-19.

Се очекува дека 69-годишниот Кси на конгресот кој ќе трае една седмица а започна во неделата утрото, ќе го добие третиот мандат на чело на Комунистичката партија со што ќе ја зацврсти својата позиција на најмоќниот кинески челник по Мао Цетунг. Околу 2.300 делегати од цела Кина се собраа во Големата сала на народот на западната страна на Плоштадот Тијанамен, кој е силно обезбедуван.

Ксио во обраќањето петте изминати години од минатиот конгрес ги оцени како „екстремно невообичаени и абнормални“. Аналитичарите наведуваат дека зборувал помалку од два часа, што е значително помалку од неговиот говор од три ипол часа на конгресот во 2017 година.

„Мораме да ја јакнеме нашата свест за тешкотиите, да се придржуваме до размислувањето за темелните нешта, да се подготвуваме за опасностите во време на мир, да се подготвуваме за дождливите денови и големите испити на силните ветрови и високите бранови“, метафорички се изрази Кси.

Повика на јакнење на способноста за заштита на националната безбедност, осигурувањето на снабдувањето со енергија и храна, зацврстување на синџирите за снабдување, јакнење на капацитетите за справување со природните катастрофи и заштитата на личните податоци.

Си, во истиот контекст рече дека Пекинг ќе продолжи со реформи на армијата со цел да се постигне целта создавање глобално релевантни вооружени сили до стогодишнината од основањето на Народноослободителната армија на Кина во 2027 година.

Најголем аплауз од делегатите Кси доби кога повторно се спротистави на независноста на Тајван.

„Искрено и со сите сили инсистираме на перспективата за мирно обединување, но никогаш нема да ветуваме дека ќе се откажеме од употребата на сила и ќе ја задржиме можноста да ги преземеме сите неопходни мерки против мешањето на надворешните сили и исклучително малиот број сепаратисти за независност на Тајван, како и за нивните сецесионистички активности“, изјави Кси на конгресот во Пекинг, алудирајќи во прв ред на САД кои ги поддржуваат властите во Тајпеј.

Кинескиот челник оцени дека таквите акции „во никој случај нема да бидат насочени против мнозинството население на Тајван“.

 

Западот не очекува промени во курсот на Пекинг

Западните геополитички аналитичари воопшто не очекуваат позначителни отстапувања во неговиот трет мандат на чело на Кина. Оценуваат дека во изминатите десет години на власт Кси ја вратил земјата на „сѐ поавторитарниот пат“, со акцент на безбедноста и државната контрола на економијата, со цел „заедничка благосостојба“, поасертивната дипломатија, јакнењето на армијата и сѐ поголемиот притисок за воспоставување контрола врз Тајван.

Меѓу нив е и Алфред Ву, професор на сингапурскиот универзитет Ли Куан Јеув, кој смета дека Кси Џинпинг сега се обидува да го префрли акцентот од економскиот раст на безбедноста, бидејќи кинеската стопанство почнало да забавува.

„Неговиот наратив е дека Кина е соочена со многу опасности, земјата е фигуративно во состојба како војна, а тој е спасителот. Со таквиот наратив, тој може да влијае луѓето да се обединат околу него“, вели Ву за Reuters.

 

Континуитет

Кина изминатите денови повеќепати ја истакнуваше својата доследност во строгиот пристап кон нулта толеранција кон пандемијата на Covid-19, со што се намалија надежите на странските компании, дека Пекинг наскоро ќе реши да ги укине мерките кои предизвикуваат економски штети на нивните производствени погони и синџири за снабдувања.

Меѓутоа, Кси во говорот малку се осврна на коронавирусот, само фалејќи ја политиката на владата која Кина силно ја заштитила од пандемијата во споредба со другите држава.

Зборувајќи за економијата, Кси ја повтори поддршката за јавниот сектор и овозможувањето пазарот да ја игра главната улога, иако Кина останува „социјалистички економски систем“ и ја промовира „заедничката благосостојба“.

 

Моќта на Партијата

Политичките коментатори оценуваат дека се чини оти моќта на Кси воопшто не е погодена од турбулентната година во која кинеската економија драматично забави, во однос на претпандемискиот период, што се припишува главно на строгите епидемиски мерки во справувањето со Covid-19, кризата на пазарот на недвижнини и последиците од неговото задушување на „економијата на платформите“.

Колективните западни организации, како НАТО, а особено САД, последните години Кина ја прогласија за главна закана и ривал, што придонесе за значително влошување на односите со Пекинг. Таквиот однос, од друга страна, придонесе за поголемо приближување на Кси Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин.

Како син на комунистички револуционер, Кси ја освежи партијата во која пред неговиот период завладеа длабока корупција и стануваше сѐ помалку релевантна како влијателна организација во кинеското општество. Тој ѝ ја врати сеприсутвноста во сите сфери и аспекти на Кина, со себеси во нејзиниот центар.

Во 2018 година партија го напушти концептот на два претседателски мандати, што му овозможува да биде избран и третпат, но и подолго. Се очекува дека конгресот на крајот ќе го потврди како генерален секретар на Партијата, што е највисоката позиција во кинеската политика, како и челник на новиот состав на Централна воена комисија. Третиот претседателски мандат, пак, би му бил потврден на годишното заседание на кинескиот парламент во март следната година.

Кси следната недела, на крајот од конгресот, би требало да го претстави и новиот состав на Политбирото, седумчлено тело коешто ја води земјата. Меѓу нив ќе биде и наследникот на премиерот Ли Кечијанг, кој на оваа функција ги исполни максималните два мандата.