
Избор на двајца уставни судии ќе се најде на дневен ред на утрешната собраниска седница. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во вечерашното гостување во Сител телевизија истакна дека ова е незаконска одлука бидејќи расправата за именувањето се уште не е завршена во матичната комисија.
„Морам да кажам дека ова што сакаат да го направат е печат злоупотреба на службена положба и овластување и карта во еден правец за осудителна пресуда за претседателот на Собранието и за претседателката на комисијата за избори и именување, рече Николоски.
Николоски истакна дека власта на дневен ред става избор на двајца уставни судии, во услови кога расправата во рамки на матичната комисија за избори и именување не е завршена и јасно е дека расправата треба да заврши за сите предлози, да се изјасни комисијата кој од тие предлози поддржува и после да оди на пленарна седница.
„Ова е невидено во македонскиот парламентаризам и овде не ги штити никаков имунитет. Ние жестоко ќе се спротивставиме, но утре за ова кривично ќе се одговара. Таа точка треба да се избрише целосно затоа што е незаконска. Како и за секое кривично дело ако некој е спремен да го направи го прави, но треба да е спремен за последиците, посочи тој.