
Протест поради растот на цените на енергијата и високата инфлација се одржал во неделата попладнето во белгиската престолнина, известуваат тамошните медиуми.
Околу 2.000 лица според полицијата а 4.000 лица според организаторите се собраа во неделата попладнето во центарот на Брисел на демонстрациите под слоганот „Ден на справедливоста“, информираше телевизијата RTBF.
Во прилогот се додава дека станува збор за група лица кои и претходно се спротиставувале на владините мерки воведени како одговор на пандемијата на коронавирусот, но оти сега нивното незадоволство е пренасочено на други состојби во белгиското општество.
„Инфлацијата и цените на енергијата, исто така, ги загрижуваат… Сите тие се особено огорчени од политичарите, но и од медиумите“, се вели во извештајот на RTBF.
Дневниот весник Le Soir во своето електронско издание известува на пример дека „Гневот и несфаќањето на демонстрантите за пандемијата, мерките, вакцините, маските и потврдите за Covid-19 се сѐ уште силни, но зголемената инфлација и очигледно неконтролираните цени на енергијата, исто така, изведоа демонстранти на улиците“.
Во текот на протестот не биле забележани инциденти, но весникот наведува дека целото време се слушале петарди.