
Британската премиерка Лиз Трас се појави во парламентот во понеделникот, пред обраќањето на новиот министер за финансии Џереми Хант, откако доживеа жестоки критики бидејќи претходно не се појави и обвинувањата дека се „крие под масата“.
Трас не можела да учествува во претходната парламентарна расправа поради неодреден „ургентен проблем“, изјави челничката на Долниот дом на британскиот парламент, Пенелопе Мари Мордонт.
Мордонт инсистираше Трас „да не се крие под масата“ од пратениците, на што опозициските парламентарци реагираа со гласно смеење.
„Го уверувам овој дом дека таа тука, за жал, не е поради многу добра причина“, изјави Мордонт.
Трас потоа стаса во парламентот и со сериозно лице следеше додека Хант им го објаснуваше на пратениците својот пресврт во буџетската политика за 180 степени. Тој ја сврти приказната и го отфрли речиси целиот ткн „мини-буџет“ на премиерката Трас и рече дека земјата мора да ги зголеми даноците и да ја намали потрошувачката за повторно да изгради стабилност и доверба.
„Каде е“ и „Слаба“ извикуваа пратениците откако им беше кажано дека Мордонт наместо Трас ќе одговара на пратеничките прашања за именувањето на новиот министер за финансии, четвртиот за една година во британската влада.
„Со извинувањето до шефот на опозицијата и до Долниот дом, премиерката е задржана поради итна работа и се плашам дека ќе мора да се задоволите со мене“, порача Мордонт.
Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Кеир Страмер, ја исмеа Трас поради отсутството.
„Како Велика Британија би можела да ја добие стабилноста којашто ѝ е неопходна, кога сѐ што владата го нуди е гротескен хаос и кога наместо водството го имаме овој сеопшт вакуум“, рече Страмер.
Лабуристичката пратеничка Стела Криси рече дека работата на премиерот е носење тешки одлуки за бројни прашања.
„Сѐ што сега знаеме, освен доколку не ни каже поинаку, дека премиерката се крие под масата и чека сево ова да мине. Нели е време да замине и функцијата да ја преземе некој којшто може да носи одлуки согласно британските национални интереси“, порача Криси.