
Како резултат на преговорите од заробеништво на украинските сили се вратија 110 Руси, соопшти во понеделникот руското Министерство за одбрана, откако претходно беше објавено без дополнителни поединости дека двете страни се договориле за размена на иста бројка затвореници.
„На 17-ти октомври, 110 руски државјани, меѓу кои 72 руски морнари од цивилни бродови кои режимот во Киев ги држеше од февруари 2022 година, беа вратени од териториите под контрола на киевскиот режим“, објави руското министерство.
Претходно лидерот на проруските сепаратисти од Доњецк, Денис Пушилин изјави дека меѓу ослободените се 30 борци на силите од самопрогласените „народни републики“ во Доњецк и Луганск“.
Руските извори наведуваат дека на украинската страна ѝ биле предадени 108 жени војници припадници на Вооружените сили на Украина. Се додава дека пред размената две Украинки доброволно одбиле да се вратат во Украина, и побарале да бидат префрлени на територијата на Руската Федерација.
На размената присуствувала руската претставничка за човекови права, Татјана Москаљковој, а ослободените со воен авион ќе бидат пренесени во Москва, каде ќе им биде пружена медицинска и психолошка поддршка.
Претходната голема размена меѓу завојуваните страни, беше остварена на крајот од јуни со по 144 лица. Тогаш руската страна ослободи 144 украински војници, од кои 92 припадници на злогласниот националистички баталјон „Азов“ заробени во опсадата на челичарницата „Азовстал“ крај Мариупол.
Размената од последната седмица од септември, пак, беше силно критикувана во Москва, бидејќи руската страна ослободи 215 украински борци меѓу кои и некои команданти на ултранационалистичките паравоени формации обвинети за тешки воени злосторства. За возврат Киев преку турција ослободи 56 руски заробеници, меѓу кои и поранешниот проруски политичар Виктор Медведчук, кого украинските сили го уапсија под обвинение за предавство и за блискост со рускиот претседател Владимир Путин.