
Цените на гасниот пазар на Иберискиот полуостров повторно остро паднаа во средата, според службените податоци, а шпанскиот оператор предупреди дека можеби ќе мора да одбие нови испораки на течниот гас бидејќи терминалите се полни.
Платформата којашто управува со иберискиот гасен пазар објави дека во средата на аукцијата на гасот кој го купуваат произведувачите на струја поставила цена од 31,77 евра за мегават-час за испораките во четврток, во споредба со 41,49 евра на аукцијата одржана ден претходно.
Тоа значи дека цената првпат паднала под границата од 40 евра по мегават-час која во мај беше поставена за производството на струја во термоцентралите на гас.
Падот на цената се надоврзува на предупредувањето на шпанскиот оператор со гасот од понеделникот дека поради преполните терминали можеби ќе мора да одбие нови испораки на течен природен гас (LNG). Португалското министерство за природна средина веќе неколку седмици предупредува дека складиштата на терминалот во Синес се преполни.
Десетици бродови кружат пред брегот на Шпанија и други европски земји, бидејќи нема доволни капацитети за претворање на гасот во LNG, па не можат да обезбедат термин за истоварување. Проблем претставува и тоа што нема доволно цевководи преку коишто гасот од терминалот би бил транспортиран во други делови од Европа.
„Остриот пад на цените е последица дека Иберија е ‘преполнета’ со гас и нема веќе капацитети за складирање на терминалите, а гасот не се троши ниту за затоплување на становите бидејќи температурите се над нормалата. Цените би можело да се задржат на сегашните пониски нивоа, доколку луѓето сфатат дека залихите на крајот од зимата ќе бидат на пристојни нивоа, но на среден рок движењето на цените ќе зависи од врнежите, енергијата на ветрот во Иберија и редовното снабдување со гас“, оценува Рикардо Маркес од консултантската фирма „Informacao de Mercados Financeiros“.
Падот на цените би можел да биде со кус здив, доколку дојде до евентуално и долготрајно нарушување во снабдувањето од Нигерија, предупредуваат аналитичарите.