
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лeјен денеска во Берлин изјави дека меѓународната заедница не смее да губи време, туку мора веднаш да ѝ помогне на Украина за брза обнова на земјата, наведувајќи дека ЕУ е подготвена да ги координира мерките за обнова преку Секретаријатот на ЕК.
„Нема време за губење бидејќи Украина претрпе огромни разурнувања, а Светска банка ја проценува штетата на 350 милијарди долари“, рече Фон дер Лејен на конференцијата за обнова на Украина, пренесе „Ројтерс“.
Таа посочи дека е неопходно што поскоро да се воспостави меѓународна соработка за да се помогне во обновата на Украина, по можност пред крајот на оваа година или на почетокот на следната година.