
Протестот во националната Пошта да се стави во мирување, платата за септември да се исплати најдоцна до петок, 28 октомври, а за наредните месеци да се исплаќа во законски предвидениот рок, до 15. во месецот, договориле денеска на средба министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорт на Пошта Васко Стефанов со претставници на синдикалните организации во поштенското претпријатие Боро Велигденов и Младен Стојановски, како и претседателот на ССМ Дарко Димовски.
За исходот од средбата преку соопштение информираше Министерството за транспорт и врски, а Велигденов и Стојановски за МИА потврдија дека протестот се става во мирување, но најавуваат дека доколку не се исполни договореното, ќе ја активираат најавата за генерален протест пред Владата.
Министерството за транспорт на средбата се обврзало да достави информација до Владата и на наредната владина седница да стави точка на дневен ред со која се дава задолжение до сите државни институции да ги користат услугите на АД Пошти, согласно со измените во Законот за поштенски услуги.
Според обврските и иницијативите што произлегле од средбата, се задолжува АД Пошта да направи план за намалување на непродуктивните расходи, рационализација согласно со препораките на Владата, а нејзиниот Управен одбор да започне со изготвување нова систематизација и нова реонизација за максимална продуктивност на вработените.
– Владата ќе го следи целокупниот процес на реорганизација, рационализација и оптимизација на работењето на АД Пошти кој ќе започне веднаш и ќе трае до 31 декември 2022 година. Ќе препорача на Агенцијата за пошти да продолжи со надзор и контрола на поштенскиот пазар над правни субјекти кои немаат добиени општо овластување за обезбедување на поштенски услуги издадено до Агенцијата за пошти. Со ваквите заземени ставови протестот се става во мирување и засегнатите страни се обврзуваат на заемна поддршка за почитување на обврските, наведе ресорното Министерство.
-На средбата се прифатени нашите ставови и барања. Ако не се почитуваат роковите за исплата на платите ќе има генерален протетест, изјави Велигденов.
Министерот Бочварски ја потенцирал поддршката и посочил дека само со заеднички заложби на сите инволвирани страни ќе можат да се подигне квалитетот на поштенските услуги во насока на повторно стекнување доверба кај граѓаните во АД Пошти.
Вработените во националната Пошта пред една недела почнаа со секојдневни предупредувачки протести барајќи првенствено исплата на платата за септември. Протестите се одржаа во текот на паузите во подружниците на поштенското претпријатие во Скопје и низ државата.