
Повеќе од 80 отсто од ѓубривата коишто Русија најави дека е подготвена да ги донира за најсиромашните земји на кои им се неопходни за производство на храна се блокирани во магацините во Латвија, а остатокот во пристаништата на Естонија, Белгија и Холандија, соопшти во петокот руското министерство за надворешни работи.
Руската дипломатија истакнува дека Русија „за разлика од Украина, е еден од водечките светски извозници на вештачки ѓубрива, без кои во ризик од глад се изложуваат не само земјите увозници, туку и производителите на храна“.
„И покрај тоа, руските компании сѐ уште не можат не само да договараат комерцијални испораки на ѓубрива, туку дури и да испорачаат околу 300 илјади тони производи во најсиромашните земји. И тоа го прават бесплатно“, се наведува во соопштението на руското министерство за надворешни работи.
Се истакнува дека властите на Латвија, како и на Естонија, Белгија и Холандија, земји членки на Европската унија, не ги дозволуваат споменатите испораки преку Светската програма за храна на ОН:
Истовремено се истакнува дека „Американците и Европејците ги казнуваат“ земјите од Африка, Азија и Латинска Америка, со тоа што им го ограничуваат пристапот до руските земјоделски производи и ѓубривата. Главната причина за ваквата состојба, како што наведува руската дипломатија, се „едностраните санкции на Западот“ поради руската инвазија во Украина, чиишто „негативен ефект“ требаше да биде надминат со спроведување на Истанбулските договори за храна и ѓубрива и на украински и на руските испораки.
Злоупотреба на хуманитарниот коридор
Голем број бродови вештачки се насобираат во турското пристаниште Истанбул, тврдат од Москва, со цел да се изврши притисок врз руските стручњаци и да ослаби контролата на товарите според Истанбулските договори за извозот на храната преку Црното Море постигнат меѓу Русија и Украина со посредство на ОН и Турција или ткн „договор за жатирките“.
„Во пристаништето во Истанбул вештачки се создава метеж на бродови со цел да се изврши притисок врз нашите експерти со цел да ослабне контролата и да се забрза процедурата за проверка на товарите“, се истакнува уште во изјавата објавена на мрежната страница на руското министерство за надворешни работи.
Москва, притоа, порачува дека не може да ги игнорира „злоупотребите на хуманитарниот коридор“, особено по терористичкиот напад на Кримскиот мост и истрагата која се спроведува во моментов за испораката на експлозивот употребен во нападот.
„Во текот на спроведувањето на Црноморската иницијатива, повеќе од 70 бродови беа задржани, а некои потполно отстранети поради систематски прекршувања поврзани со непочитувањето на правилата за пловидба во поморскиот коридор и обид за шверц во специјално опремени бункери“, истакнуваат од руската дипломатија.