Отворен македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград

Отворен е македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Отворањето на клубот, според основачите, е со цел да ги зближи двата народа и да ги надмине разликите.

На отворањето на клубот беше речено дека ова е клуб којшто ќе помогне во Бугарија да ја препознаат македонската култура, а со неа и македонскиот народ. Културниот момент е тој којшто навистина може да ги зближи народите и да ги надмине разликите.

„Обвинувани сме за непријатели, кога намерите ни се пријателски, обвинувани сме за сепаратисти, кога стремежот ни е уривање на граници и обединета Европа, за противзаконски, кога сакаме да работиме во рамките на законите. 32 години напорите ни беа да регистрираме наше здружение со кое што ќе учествуваме во културниот, општествен и политички живот. Земјата е 15 пати осудена за тоа во Европскиот суд за човекови права, а ние не сакаме да се судиме, никого, ние едноставно сакаме да сме рамноправни како останатите граѓани, сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци, а за тоа да не бидеме навредени, да можеме да се собираме и да твориме без страв, да бидеме од корист за двете држави и за двата народи затоа што им ја познаваме душата и културата’, изјави на отворањето на клубот Милан Ризаков од „ОМО Илинден Пирин“.

Атанас Мазнев од истото здружение додаде дека идеите за основањето на клубот се градење на мостови меѓу двата народи и ново културно пространство во кое ќе учествуваат двете држави, бидејќи тоа е завештание на Гоце Делчев и тие нема да отстапат од тоа.

На отворањето присуствуваа генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев.

Отворањето на клубот го следат голем број новинарски екипи, а има и засилено полициско обезбедување.

Наспроти македонскиот клуб, во организација на ВМРО – Бугарско национално движење отворена е изложба со бугарското знаме и слика од цар Борис Трети и дел од македонските револуционери меѓу кои Гоце Делчев и Јане Сандански проследена со гласна музика. ВМРО-Бугарско национално движење најави и протест.