ВИДЕО| Најмалку 40 мртви во уривање на мост во Индија

Најмалку 40 луѓе загинале во неделата при уривање на висечки мост во западната индиска сојузна држава Гуџарат, пренесува индиската телевизиска мрежа NDTV.

Мостот се урнал во моментот кога на него во еден момент имало околу 500 луѓе. Повеќе од 100 од нив паднале во реката, а спасувачите сѐ уште работат на теренот. Според очевидци, на мостот имало многу жени и деца.

Трагедијата се случила на мостот во местото Мораби преку реката Мачху. Мостот бил изграден пред 140 години, неколку години траела реконструкцијата и бил отворен за премини пред само четири дена.

Премиерот Нардендра Моди ја држи под контрола спасувачката операција, на којашто ѝ се приклучија локалните жители, се наведува во прилогот на телевизијата.

На емитуваното видео, снимено од очевидец на инцидентот, се гледа многу луѓе кои висат на каблите и конструкцијата на мостот. Други, пак, самите скокаат во реката барајќи спас.