Русија се враќа во договорот за извоз на житарки

Русија ќе го обнови учеството во договорот за извоз на житарки од кои се повлече привремено викендов, соопшти во средата руското министерство за одбрана.

Русија го суспендираше своето учество во договорот постигнат со посредство на ОН и Украина, поради нападите врз нејзините воени и цивилни бродови во црноморското пристаниште Севастопил, порачувајќи дека поради тоа не може да ја гарантира безбедноста на коридорите за сигурна пловидба на бродовите во Црното Море.

„Руската Федерација смета дека моментално примените гаранции се доволни и продолжува со спроведување на договорот. Посебно, украинската страна даде официјално уверување дека поморскиот хуманитарен коридор ќе се користи само во согласност со одредбите од Црноморската иницијатива“, се вели во објавата на руското министерство за одбрана.

Се додава дека Киев на 1-ви ноември со посредство на ОН и Турција испрати писмени гаранции до Заедничкиот координативен центар дека ткн Житен коридор во Црното Море и украинските пристаништа нема да бидат користени за боеви операции против Русија.

Москва во саботата објави дека е повлекува од договорот, откако бродовите во Севастопол, историското седиште на руската Црноморска флота, беа нападнати со воздушни и подводни дронови, и според податоците на руското министерство за одбрана биле лансирани од цивилни бродови и од зоната на хуманитарниот коридор.

Руската страна притоа истакна дека нападот е направен во организација на припадници на специјалните единици на британската морнарица, кои се обвинети и за експлозиите на двата гасовода Северен тек во Балтичкото Море кон крајот на септември.

Според Москва, истите британски специјалци ги воделе и подготовките за нападот со воздушни и подводни дронови врз цивилни и воени бродови во црноморското пристаниште Севастопол на Крим, од зоната на безбедниот коридор по кој се извезуваат житарките од Украина, за што биле обучувани припадниците на 73-от Специјален центар за поморски операции на украинската војска.

Минатата седмица руското Министерство за одбрана објави дека припадници на специјалните сили на британската воена морнарица, кои имаа штаб во Очакив, во украинската област Миколаев, учествувале во „планирањето, осигурувањето и спроведувањето на терористичките напади“ врз гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2.

„Овие акции се изведени под водство на британските специјалци. Поради тоа британската амбасадорка наскоро ќе биде повикана во министерството за надворешни работи“, изјави во средата портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова .