Шпанија кусо го затвори воздушниот простор поради остатоци од кинеска ракета

Шпанија накусо во петокот го затвори воздушниот простор над североисточниот регион Каталонија и уште три други региона, бидејќи се очекуваше дека кај неа ќе пролетаат остатоци од кинеска ракета, соопштија службите за итни случаи во Барселона.

„Поради ризикот во врска со минувањето во вселенскиот објект CZ-5B низ шпанскиот воздушен простор, летовите беа целосно ограничени од 9,38 до 10,18 часот во Каталонија и во другите региони“, објави службата на Twitter.

Најмоќната кинеска ракета „Долгиот марш 5-B“ (CZ-5B) беше лансирана на 31-ви октомври од јужна кина за да ги испорача последниот модул од кинеската вселенска станица којашто се гради последните години. Бидејќи гравитацијата ја влече ракетата назад кон Земјата, се очекува дека поголемиот дел од неа ќе согори по повторното влегување во атмосферата, иако постои загриженост дека парчиња со значителна големина може да се зачуваат.

Европската служба за набљудување и следење на Вселената соопшти дека остатоците најверојатно повторно ќе влезат во атмосферата на Земјата над Атлантикот и веројатно ќе паднат во море, но исто така предупреди дека северна Шпанија и Португалија, како и јужна Италија, се во рамките на потенцијалната траекторија на падот на ракетата.

„Статистичката веројатност од удар на почвата во населени области е ниска. Меѓутоа, тие предвидување со себе носат и неизвесност, а подобра процена ќе биде можна дури по повторното влегување во атмосферата“, велат од EUSST.

Ова е четвртиот лет на „Долгиот марш“ од нејзиното прво лансирање во мај 2020 година. При првото лансирање, делови од ракетата паднаа во Брегот на слоновата коска, оштетувајќи неколку згради во оваа западноафриканска држава, но немаше повредени.