
Британскиот министер за трговија Грег Хендс заминува седмицава во посета на Тајван на трговски преговори и состанок со претседателката Цаи Инг-вен, соопшти во понеделникот неговиот кабинет, што предизвика остра реакција на Кина на најновиот во низата контакти на високо ниво на некоја западна влада и островот кој Пекинг го смета за своја одметната покраина.
Кина, жестоко се противи на секаква официјална комуникација меѓу властите во Тајпеј и странските влади, кои главно се воздржуваа досега од такви активности, и смета дека тоа претставува поддршка за одвоеноста на Тајван од матичната земја.
Министерот за трговија Грег Хендс, кој воедно е и пратеник во парламентот, ќе се сретне со претседателката Цаи Инг-вен и ќе биде домаќин на 25-те годишни трговски преговори меѓу Обединетото Кралство и Тајван во текот на неговата дводневна посета на Тајпеј, соопшти британското министерство за меѓународна трговија.
„Личната посета на Тајван е јасен сигнал за британската доследност кон јакнењето на трговските односи меѓу Обединетото Кралство и Тајван. Како и Обединетото Кралство, така и Тајван е поборник на слободната и чесна трговија која го поддржува глобалниот трговски систем втемелен на правила“, соопшти британското министерство.
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Жао Лиџијан на редовниот брифинг порача дека Кина остро се спротиставува на службената трговија меѓу Тајван и земја со којашто Пекинг има дипломатски односи.
„Ја повикуваме британската страна да ја прекине секоја форма на официјална трговија со Тајван и да престане да им испраќа погрешни сигнали на сепаратистичките сили за независност на Тајван“, изјави за новинарите портпаролот Ли.
Како што е најавено од Лондон, Хендс во Тајпеј ќе се сретен и со главниот тајвански трговски преговарач Џон Денг и со министерката за економија Ванг Меи-ху. Тајванското министерство за економија, пак, одбило да ја коментира неговата посета и наведе дека состаноците кои се договараат се затворени за јавноста.
Од Тајпеј, пак, брифирале дека Тајван ја смета Велика Британија за „демократски партнер“ и оти се „охрабрени од загриженоста на Лондон“ поради неодамнешните кинески воени вежби во Тајванскиот теснец, како и со поддршката од Лондон на настојувањата Тајван да учествува во меѓународните организации од кои островот е исклучен според договорите кои Кина ги има со западните земји кои ја следат во тоа политиката на САД.
Велика Британија, како и Тајван, сака да се придружи на Сеопфатниот прогресивен договор за транспацифичко партнерство (CPTPP). Земјите потписнички на овој договор во февруари се согласија дека Велика Британија може да продолжи со своето барање за членство, бидејќи е во потрага по нови трговски партнери и односи по излегувањето од Европската унија. И Кина упати барање за членство во CPTPP.
Велика Британија, како и САД, немаат официјални дипломатски односи со Тајван, но одржува блиски економски и неформални односи, а Лондон има дефакто амбасада во Тајпеј.
Последните месеци европските политичари, следејќи го примерот на Вашингтон, ги зајакнаа своите посети на Тајван кои во минатото ги избегнуваат, и покрај жестоките реакции на Кина. Пекинг изведе низа големи воени вежби близу островот во август по посетата без преседан на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, на Тајпеј по што следеа и други посети на американски конгресмени и обид претставници на ЕУ да отпатуваат на Тајван.