Арсенал ја зголеми предноста по киксот на Сити

Фудбалерите на Арсенал ја зголемија предноста во трката за врвот на англиската Премиер лига откако во последните саботен натпревар од 15-то коло славеа со 2:0 на гостувањето кај Вулверхемтон, а Манчестер Сити загуби дома со 1:2 од Брентфорд.

Стрелец на двата погодока за лондонските „Топчии“ беше капитенот Мартин Одегард, во 55 и 75 минута, кој во двата наврата ефектно ги реализираше одличните акции на неговите соиграчи.

Со оваа победа Арсенал дојде на 37 бодови од 14 натпревари, со што го искористи киксот на Манчестер Сити кој остана на 32 бодови од исто толку натпревари. Вулверхемптон остана закован на дното со само 10 бодови и две победи.

Во првиот саботен натпревар Брентфорд сензационално со 2:1 славеше на гостувањето на „Итихед“ кај актуелниот бранител на титулата. Творец на победата на гостите беше капитенот Ајван Тони со головите во 16 и во осмата минута од судиското продолжение на мечот, а за Сити на крајот од првото полувреме израмни Фил Фоден.

Брентфорд подобро влезе во мечот и веќе во првите десетина минути создаде три сериозни закани, кога неговите напаѓачи немаа доволно концентрација. Сепак во 16 минута Тоне во скокот подобро се снајде од Лапорт и ги доведе гостите во предност. Дури по примениот гол Сити заигра и притисокот на домашните им се исплатеше до крајот на полувремето кога Фоден со прецизен удар од 15-ина метри го проби гостинскиот голман.

Второто полувреме го одбележа долгиот прекин поради укажувањето лекарска помош на Лапорт поради повреда на главата, а таа ситуација го доведе и судиското продолжение од 10 минути. Во продолжението Сити ја пренесе играта на половината на Брентфорд, но не успеа да поентира, а напротив гостите од брз против напад во осмата минута од продолжението стасаа до победата. Дасилва одлично мина по десната страна и уфрли на пет метри каде натрча Тонеи за својот втор погодок. Бретнфорд со оваа победа скокна на 10-то место со 10 бодови.

Њукасл продолжи со одличните резултати, а во саботата на домашен терен го совладаа Челзи со 1:0. Победничкиот гол го постигна Џо Вилкок во 67 минута со силен и прецизен удар од работ на шеснаесетникот, откако топката му ја препушти Алмирон.

Со оваа победа Њукасл се врати на третото место со 30 бодови од 15 натпревари, а Челзи од 14 дуели има 21 бод и моментално е осми на табелата.

Иако Лидс Јунајтед на гостувањето во Лондон трипати имаше предност, на крајот со 4:3 славеше домашниот Тотенхем.

Првиот гол на мечот го постигна Крисензи Самервил во 10 минута по лошата реакција на домашната одбрана, а на 1:1 во 25 минута израмни Хари Кејн од мешаница по корнер. Лидс сепак на одморот замина со предност, благодарејќи на Родриго Морено кој беше прецизен во 43 минута. На почетокот од продолжението, во 51 минута Бен Дејвис донесе ново израмнување, а Родриго со својот втор погодок на мечот во 76 минута и третпат ги доведе гостите во водство. Набрзо возврати Тотенхем и тоа со двата брзи погодока на Уругваецот Родриго Бетанкур во 81 и 83 минута,, прво со шут од работ на шеснаесетникот, а вториот пат од близина по одличниот продор на шведскиот репрезентативец со македонско потекло Дејан Кулушевски.

Со оваа победа Тотенхем се задржа на четвртата позиција со 29 бодови од 15 кола, и има шест бодови предност пред Манчестер Јунајтед кој има и два натпревара помалку. Лидс Јунајтед остана на 15 бодови и моментално е 14-ти, само два бода повеќе од зоната на испаѓање.

Ливерпул не дозволи изненадување на својот „Енфилд“ и со 3:1 го победи Саутемптон. Роберто Фирмињо во 6 минута ги доведе домашните во водство, но по само три минути израмни Чи Адамс. Дарвин Нуњез потоа двапати беше прецизен во 21 и 42 минута, за сигурно водство до полувремето, а резултатот не се промени до крајот на мечот.

Ливерпул моментално е шести со 22 бодови од 14 кола, еден повеќе од Брајтон кој има одиграно меч помалку. Саутемптон остана претпоследен 19-ти со 12 бодови.

Вториот премиерлигаш од Ливерпул, пак, тимот на Евертон беше убедливо совладан со 0:3 на гостувањето кај Борнмут. За домашните стрелци беа Маркус Таверние во 18, Кифер Мур во 25 и Џејдон Ентони во 69 минута.

Борнмут се искачи на 13-то место со 16 бодови од сите 15 кола, а Евертон од исто толку натпревари собра 14 бодови и е 17-ти, едно место над зоната на испаѓање.

Нотингем Форест на домашен терен со погодокот на Морган Гибс-Вајт во 54 минута дојде до третата победа сезоната, овојпат над Крситал Палас, кој остана на 19 бодови и моментално е на 11-то место. Нотингем сега е 18-ти и има 13 бодови, бод помалку од зоната на опстанок.

Лестер Сити со гостинската победа од 2:0 кај Вест Хем, стрелци беа Џејмс Медисон во 8 и Харви Барнс во 78 минута, сега има 17 водови и се искачи на 12-то место. Вест Хем остана 16-ти со 14 бодови.