
Меран Карими Насери, ирански бегалец кој го инспирираше режисерот Стивен Спилберг за филмот „Терминал“ за патник заглавен на аеродром, по игра на судбината починал во саботата напладне на парискиот аеродром „Шарл де Гол-Роаси“, потврдила за медиумите аеродромската управа.
Од аеродромската управа потврдиле дека Насери починал во раните попладневни часови на терминалот 2F каде што престојувал последните неколку седмици.
Од управата појасниле дека Карим Насери, за разлика од ликот во „Терминал“ инспириран од неговиот живот, не бил ограничен на територијата на аеродромот и можел безбедно да излезе, бидејќи имал статус на бегалец и дозвола за престој во Франција.
„Никогаш не беше затворен во зоната за заминување, спротивно на впечатокот кој филмот би можел да го остави. Секогаш беше во отворената зона и можеше да се движи каде што сака. Никогаш не беше препуштен самиот на себе, за него се грижеа претставниците на аеродромските служби“, појасниле од аеродромската управа.
Додале дека Иранецот нема проблеми со пари бидејќи ги добивал хонорарите од филмот на Спилберг. Истовремено наведуваат дека долгогодишниот жител на парискиот аеродром не бил во најдобро психичко здравје, имено бил убеден дека сѐ уште има проблеми со документите па повторно се вратил во нему позната средина за престој.
Иранскиот бегалец
Според француските медиуми, Меран Карими Насери е роден во 1945 година во градот Масџеде-Солејман, иако од аеродромската управа тешко било да се одреди неговата точна возраст поради забуната со оригиналните документи. Според некои верзии, може да е роден во 1947 или во 1953 година.
Неговото патешествие започнало во 1974 година, во времето превирањата и Исламската револуција, кога заминал за Лондон во потрага по својата биолошка мајка по смртта на татко му. Роднините му кажале, имено, дека неговата мајка била шведска медицинска сестра којашто работела во поранешната „Англо-персиска нафтена компанија“. Во Лондон започнал да студира економија, а учествувал и во протестите против иранските власти, поради што му било одземено државјанството и протеран од земјата.
Од 1977 до 1981 година се обидувал да добие политички азил во шест земји, додека конечно не добил статус на бегалец во Белгија. Откако шест години работел во библиотека, решил сепак да се врати во Велика Британија каде се упатил со прелет преку Париз. Токму во француската престолнина, според една од верзиите, му ги украле документите, а според друга тој самиот ги испратил во Белгија. Во Лондон пристигнал без никаков документ и бил вратен во Франција, а од 26-ти август 1988 година живеел на Терминалот 1 на аеродромот „Шарл де Гол“, повремено правејќи некои работи во близина на аеродромот и станал познат како Сир Алфред.
Бидејќи во Франција пристигнал легално, не можел да биде протеран. Но биле невозможно и да биде пуштен во земјата без документи. Дури во 1999 година неговиот адвокат успеал да издејствува дозвола за престој во Франција, но одбил да ја потпише бидејќи во неа било наведено дека е ирански државјанин. Потоа живеел на аеродромот до 2006 година, кога му била потребна хоспитализација и бил изведен од терминалот.
Неговата приказна стана основа за филмовите „Паднат од небото“ (Tomb s du ciel, 1993 год) во режија на Филип Лиоре, а пота и на „Терминал“ од 2004 година на Стивен Спилберг, во кој Том Хенск го толкуваше ликот на патник заробен на аеродромски терминал. Авторскиот хонорар од американската екранизација за „Сир Алфред“ изнесувал 240.000 долари. Истата година Карими Насери ја објави и својата автобиографија.