Промовирана платформа преку која може да се врши проверка на превозници, а институциите поефикасно да контролираат

Платформата „е-транспорт“ (http://etransport.mtc.gov.mk) преку која граѓаните ќе може да ги проверуваат превозниците на патници, а институциите ќе разменуваат податоци со што се очекува да се вршат поефикасни контроли, денеска беше презентирана во Владата.

Составена од два дела, едн наменет за граѓаните, а другиот за институциите.

Преку неа граѓаните ќе може во реално време да направат проверка за видот и типот на лиценците на превозниците во патниот транспорт и на тоа дали поседуваат соодветни дозволи.

„Граѓаните ќе може во реално време да вршат проверка на превозниците кои вршат превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот сообраќај. Постапката за проверка е едноставна и е во само неколку чекори. На вашиот пребарувач ја внесувате адресата на платформата, на почетниот екран се појавуваат две опции: едната е да се изврши проверка на превозникот по име на фирма, а втората е да се изврши проверка на превозникот по број на регистарска табличка на возилото. По внесувањето на податокот, се отвора нов прозорец во кој може да се забележат детални информации“, рече на презентацијата министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

меѓу деталните информации што ќе може да ги видат граѓаните се: името, матичниот број и адресата на компанијата; деталите за возилото, како што се година на производство, еколошки стандард и број на седишта; но и листа на изводи со лиценци.

„Доколку се утврди дека компанијата не постои во регистарот на транспорт и врски или не е лиценцирана или доколку има друга неправилност во делот на изводите, секој еден граѓанин може да пријави неправилност на наведените адреси. Се дава можност преку истата апликација со телефонски броеви и имејл адреси до контролните институции во државата. Согласно законските надлежности секоја од наведените институции по пријава може веднаш да постапи по службена должност“, рече Бочварски.
Со ова, оцени министерот, граѓаните заедно со државните институции ќе може да бидат рамноправен контролор и да влијаат на намалувањето на сивата економија, да го подобрат системот на контрола и да овозможат подобар, побрз и поефикасен транспорт во државата и меѓународниот превоз.

Во делот наменет за институциите, пак, се овозможува тие да имаат електронски пристап до евиденцијата на превозници, податоците за нивните лиценци, податоците за возилата кои ги поседуваат тие компании, податоците за изводи за лиценци за одредено возило. Исто така, контролорите ќе може да дојдат до информации и за вработените возачи со што ќе може да проверат дали лицето што управува со одредено возило е вработено или не во формата превозник и дали поседува сертификат за професионална компетентност на возач што е неопходен документ при вршење на меѓународен превоз на патници или стоки.

„Преку овој систем се дополнува сегашниот систем за проверка на документите со што добиваме второстепена контрола или двоен филтер. На овој начин ќе овозможиме брза и навремена контрола. Се спротивставуваме на сите кои се дрзнуваат да прават измени и фалсификати на документација, а со ова им помагаме на контролните органи да имаат две проверки на секој еден превозник“, рече Бочварски.

Оваа платформа пред да биде претставена во јавноста, беше презентирана на владина седница на 1 ноември, а за да се овозможи размената на податоци помеѓу институциите, денеска во Владата беше потпишан и договор меѓу министерствата за транспорт и врски и за внатрешни работи, Царинската управа и Државниот инспекторат за транспорт.

 

„Оваа веб-страница колку што ќе биде во функција на работата на надлежните служби, во иста мера ќе биде и во функција на јавноста, медиумите, стопанските субјекти и најважно на граѓаните кои ќе имаат можност за увид. Мотивите се квалитетно зголемување на институционалната и меѓуинституционалната оперативност. Целите не се ограничени само кон подигање на транспарентноста, туку и кон зголемување на одговорноста кај сите учесници на во патниот сообраќај“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, очекува дека на овој начин ќе се поедностави работата на царинските службеници.

„Со помош на овие сервиси, царинските службеници на граничните премини со едноставен внес на извод од лиценца или регистарски број на возило ќе може да утврдат дали превозникот е лиценциран, дали возилото е лиценцирано и дали возачот има валиден сертификат. Ако се открие дека нема таков податок автоматски ќе се доставува нотификација до Државниот инспекторат за транспорт за натамошно постапување. Веруваме дека оваа платформа ќе придонесе кон спречување или минимализирање на сите нелегални и несовесни активности во делот на патниот сообраќај“, рече Кутиров.

Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Гајур Рушити, пак, посочи дека ова за инспекторите ќе биде важна алатка со која полесно, но и за многу пократко време ќе може да ги прават надзорите.