
Алатката Twitter Blue веројатно ќе биде вратена кон крајот на следната седмица, објави во твит во саботата сопственикот на социјалната мрежа за микроблогирање и најбогат човек на планетата, претприемачот Илон Маск.
Во Twitter во петокот ја повлече својата нова услуга за претплата од 7,99 долари за која се добива син знак за штиклирање, како потврда за автентичноста на профилот, бидејќи нејзиното воведување резултирало со креирање многу лажни профили со потврда на автентичноста, како на пример „автентичните“ профили „Исус Хритос“ или „Џон Ленон“.
Посакуваното „сино штиклирање“ при претходното водство на Twitter имаше елитистички карактер со резервираност само за автентичност на профилите на политичари, славни јавни личности и мејнстрим новинари.
Опцијата за претплата, отворена за секој кој е подготвен да плати, беше воведена претходно седмицава за да му помогне на Twitter да ги зголеми приходите во моментите кога Маск се труди да ги задржи огласувачите, откако мејнстрим медиумите и неолибералните кругови го обвинија дека создава можност за пласирање лажни вести. А милијардерот се залага за апсолутна слобода на изразувањето без блокирање на профилите чиишто објави претходното водство на компанијата ги оценуваше за политички неподобни,
Неколку корисници известија во петокот дека новата опција за претплата со „сино штиклирање“ како потврда на автентичноста исчезнала, а извор на Reuters рекол дека таа е повлечена.
„За да се справиме со лажното претставување, ја додадовме ознаката ‘Службено’ на некои профили“, се наведува во објавата на сметката за поддршка на Twitter, која ја има ознаката „Службено“. Ознаката беше претставена во средата, но Маск ја отповика само неколку часа подоцна.
Маск во четвртокот во својата прва електронска порака за целата компанија предупреди дека Twitter нема да може да ја „преживее претстојната економска криза“ доколку не успее да ги зголеми приходите од претплатите за да го надомести падот на приходите од рекламирањето, изјавиле наводно за Reuters три лица кои ја виделе пораката.