Прва победа за Расел во кариерата во Ф1

Британецот Џорџ Расел, од тимот на Мерцедес, е победник на претпоследната трка од Светското првенство во класата Формула 1 за Големата награда на Бразил во Сао Палоло, а за него ова е првата победа во кариерата.

Како што за Расел ова беше првата победа во кариерата, така и за Мерцедес беше првата победа сезонава, бидејќи сите досегашни трки ги добија тимовите на Ред Бул и Ферари.

Тимскиот колега и сонародник на Расел, Луис Хамилтон претпоследната трка од сезоната ја заврши на втората позиција, додека трет беше Шпанецот Карлос Саинц од тимот на Ферари.

Светскиот првак Макс Верстапен од Ред Бул трката на патеката во Сао Паоло ја заврши на шестото место, откако се судри со Хамилтон на почетокот од трката и поради дополнителното запирање во боксот.

Сезоната завршува следната седмица со трката во Абу Даби.