Шест мртви во сударот на авионите од Втората светска војна во Тексас

Шест лица загинале во саботата во сударот на авиони од Втората светска војна на аеромитингот во Далас во сојузната американска држава Тексас, соопшти во неделата локален функционер.

Бомбардерот „Boeing B-17“ познат како „Летечка тврдина“ и ловец од типот „ Bell P-63 KingCobra“ се судрија во воздухот околу 13,20 часот по локално време, или 20,20 часот по средноевропско време во саботата, се наведува во соопштението на Сојузната управа за воздухопловство (FAA).

„Како што се дознава од медицински извори во Далас, шест лица загинале во несреќата којашто вчера се случи на аеромитингот Wings over Dallas“, објави во неделата на Twitter Клеј Џенкинс, пратеник на чело на округот Далас.

Аеродромот „Dallas Executive“, десетина километри јужно од главниот град на Тексас, објави на Twitter во саботата дека се случил „инцидент“ на аеромитингот на воени авиони од 1940-те, организиран во текот на продолжениот викенд.

Градоначалникот на Далас, Ерик Џонсон, на социјалните мрежи извести дека „никој од посетителите не е повреден“.

На прес-конференцијата организирана веднаш по несреќата, челникот на Commemorative Air Forcea (CAF), организатор на манифестацијата, Хенк Коатес изјави дека бомбардерот во принцип лета со четири до пет членови на екипажот, а ловецот само со еден пилот.

Додаде дека пилотите кои управуваат со авиони на ваквите смотри се искусни ветерани или волонтери кои минале „темелна обука“, неретко пензионирани воени пилоти.