
Генералното собрание на Обединети нации усвои нацрт-резолуција во која се наведува дека Русија мора да биде повикана на одговорност поради кршење на меѓународното право со инвазијата врз Украина, што вклучува и плаќање на отштета.
„Русија мора да сноси правни последици за сите свои меѓународно противправни дејствувања, вклучувајќи и надомест за штета, вклучувајќи каква било штета, предизвикана од таквите акции“ се наведува во резолуцијата.
Резолуцијата ја поддржаа 94 членки на организацијата, 14 беа против, претставниците на други 73 земји беа воздржани. Состанокот го иницираа Канада, Гватемала, Холандија и Украина. Според конечните податоци, покрај Русија, против резолуцијата се изјасниле и Бахамите, Белорусија, Зимбабве, Иран, Северна Кореја, Кина, Куба, Мали, Никарагва, Сирија, Централноафриканската Република, Еритреја и Етиопија. Воздржани биле, меѓу другите, Индија, Индонезија, Обединетите Арамски Емирати, Саудиска Арабија, Србија и Јужна Африка.
Земјите кои беа воздржани или гласаа против овој документ, тие укажаа на потребата од подетална расправа за ваквите иницијативи и несовршеноста на неговата правна рамка. Ја истакнаа и неправдата кон другите држави кои бараат и не добиваат отштета за претрпената штета поради постапките на Западот.
Според нацрт-резолуцијата поднесена на разгледување од Генералното собрание на ОН, таа „препорачува создавање од страна на нејзините членки, во соработка со Украина, меѓународен регистар на штети, кој ќе служи како документиран доказ за нанесената штета, загуби и повреди (…) настанати како резултат на меѓународно незаконски дејствија на Руската Федерација во или против Украина и за промовирање и координирање на собирањето податоци“.
Москва се спротивстави на усвојувањето на документот, велејќи дека тој „не издржува правна критика“ и е „безначаен обид да се легализира она што не е легализирано од гледна точка на меѓународното право“.
Постојаниот претставник во ОН Василиј Небензја истакна дека западните земји се обидуваат да ги искористат руските суверени фондови што ги блокираа за да продолжат со испораките и да платат за оружјето што веќе е пренесено во Киев. Тој оваа можност ја нарече „еклатантен грабеж“.
Постојаниот претставник на Русија, исто така, предупреди дека усвојувањето на резолуцијата може да се врати бумеранг кај нејзините иницијатори. Според него, ваквата одлука само ќе доведе до зголемена нестабилност и тензија во светот.
Заменик-постојаниот претставник на Русија, Дмитриј Полјански, по состанокот за новинарите истакна дека повеќе од половина од земјите на ОН не ја поддржале нацрт-резолуцијата, и покрај „притисокот, уцената и виткањето на рацете“. Според него, ова е „фијаско за оние кои на целиот свет му наметнуваат ‘поредок заснован на правила’“.