
Судењето против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, е одложено за 2 февруари, откако првообвинетата денеска не се појави во Основниот кривичен суд – Скопје.
Како што информираше судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, обвинетата со поднесок до Судот побарала одложување на рочиштето поради влошена здравствена состојба.
Одложување побарала и јавната обвинителка, бидејќи поради неодложни службени обврски била спречена да присуствува на првото насрочено рочиште.
Советот реши да го одложи судењето за 2 февруари 2023 година.
Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, се гони за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама“ на штета на средства на Европската заедница. Александар Гочев за кривично дело „измама“, исто така, на штета на Европската заедница и Ана Павлиду за „несовесно работење во службата“.
Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Сузана Мирческа Кузмановска.