Кошарка: Словенија, Шпанија и Италија на СП

Кошаркарите на Словенија, Италија и Шпанија се пласираа на Светското првенство, по квалификациските натпревари одиграни во понеделникот.

Словенечката кошаркарска репрезентација на домашен терен ја победи Германија со 81:75 и обезбеди виза за Светското првенство во 2023 година. Откако го пропуштија последното прввенство во Кина, Словенците сега ја исправија грешката и им се придружија на Германија и Финска како трета селекција од Групата Ј која оствари пласман на шампионатот.

На две кола пред крајот на квалификациите Словенија има седум победи и три пораза и е трета на табелата од Групата Ј. Германија е прва со скор 8-2, исто како и Финска.

Најефикасен во словенечкиот тим беше Џордан Морган со 22 поени и 13 скока, а Дејвид Крамер во германскиот тим со 21 поен.

Италијанските кошаркари ја победија селекцијата на Грузија во Тбилиси со 85:84 и на две кола пред крајот на квалификациите се пласираа на Светското првенство. Оваа победа на Италија, и на шпанската репрезентација, актуелниот светски првак, ѝ донесе пласман на кошаркарскиот мундијал.

Најдобар кај Италија беше Марко Спису со 15 поени, осум асистенции и шест скокови, а најефикасен во грузискиот тим беше Торнике Шенгелија со 15 поени.

Во Групата Л, Италија сега има шест победи и два пораза, додека Грузија има скор од 4-4. Претходно денеска во Рига, Украина избегна елиминација победувајќи против Исланд со 79:72. Украина сега има 3-5, а Исланд 4-4, па во февруари ќе се знае судбината на двете селекции.