Зеленски бара акција по падот на ракетите на полска територија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва изјави дека „е неопходна акција по руските ракетни напади врз територија на НАТО“.

Ова е всушност одговорот на Зеленски за наводите дека руски проектили попладнево погодиле село во источна Полска и притоа кажа дека „одамна предупредува дека руските акции не се ограничени само на Украина“.

Тој вечерва преку видео обраќање, го коментираше падот на ракетите во Полска.

„Теророт не е ограничен само на нашите национални граници. Руски проектили ја погодија Полска. Истрелаа проектили на територијата на НАТО. Ова е руски ракетен напад врз колективната безбедност. Ова е многу значајна ескалација. Мораме да дејствуваме“, рече Зеленски во видеообраќањето.

Потоа ја изрази својата поддршка за Полска.

„Сега сакам да им кажам сè на нашите браќа и сестри Полјаци: Украина секогаш ќе ве поддржува. Теророт нема да ги ослободи луѓето. Победата е можна кога нема страв. Русија нè тероризира нас и сите што може да ги достигне“, додаде тој.

Зеленски ја повтори поддршката на Украина за Полска, која прими милиони украински бегалци од избувнувањето на војната во февруари.