
Интегрално соопштение од Сојузот на синдикатите на Македонија:
На вчерашната седница, Управниот одбор на ЈП Водовод и канализација Скопје по грижливо оценување на доказите и утврдување на фактичката состојба, едногласно донесе Одлука со која приговорот на Претседателот на Синдикалната организација при СУТКОЗ во ЈП Водовод и канализација Скопје, Стојанче Кашиковски се уважува и Решението за изрекување на дисциплинска мерка – престанок на работниот однос се поништува, а предлогот за поведување на дисциплинска орговорност се одбива како неоснован.
Одлуката на Управниот одбор уште еднаш потврдува дека в.д директорот Марјанче Митовски продолжува да работи спротивно на законите и колективните договори и дека со таквото постапување предизвикува огромна штета по претпријатието како и по имиџот на градот Скопје, а за што Синдикатот СУТКОЗ при ССМ континуирано предупредува изминатите недели, а за што и веќе е отпочната постапката за организирање и спроведување на штрајк во претпријатието веднаш штом завршат законските рокови.
До сега, од страна на Управниот одбор, Државниот инспекторат за труд и Државниот управен инспекторат се констатирани низа неправилности во работењето на в.д директорот Митовски и му се поништени сите одлуки и решенија кои ги носи, а истиот очигледно не е дораснат на нивото на задачата која му е доделена и истата веднаш треба да му биде одземена, за што и Управниот одбор на вчерашната седница јавно побарал оставка од в.д директорот Митовски, со што ќе се спречи и понатаму да раководи со ова јавно претпријатие и незаконски да постапува и да се спречи да се изживува врз работниците.
Синдикалната борба продолжува до крај со ваквите така-наречени директори – тирани што се против работниците.