Мицкоски: 2.5 милијарди евра е зголемен долгот, 800 милиони евра ги имаат украдено

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Република“ истакна дека на власт се политички измамници кои додека беа опозиција лажеа за јавниот долг, но откако дојдоа на власт за 2,5 милијарди евра го зголемија јавниот долг, но и шокантно е што 800 милиони евра се украдени.

– Политички измамници, тие лажеа, измислуваа, клевета, омаловажуваа додека беа опозиција само да дојдат до привилегии. Шанса за ова да има одговорност и разрешница се предвремени парламентарни избори. Без предвремени парламентарни избори ова само ќе тлее. Одговорност ќе има за сите. Ако мислат дека некој од тие 61 што ја поддржува владата ќе биде амнестиран се лаже, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека само за последниот квартал, третиот квартал е зголемен над 400 милиони евра, тоа е шокантнo, тоа е премногу.

– Тоа е по 700 евра од семејство. И тоа од 1 јули до 30 септември, само за тие три месеци. Тоа се пари украдени, и тоа не било толку проблематично кога би пораснал бруто домашниот производ за 3 или 4 милијарди, проблемот е што долгот пораснал за 2,5 милијарди, а бруто домашниот производ за 1,7 милијарди. Што значи дека 800 милиони евра ги имаат украдено, потенцираше Мицкоски.