Силни безбедносни мерки во Атина за одбележувањето на годишнината од студентскиот бунт против хунтата

Повеќе од 5.500 полицајци, дронови и хеликоптер, полициски агенти во цивилно, цистерни со топови вода се ангажирани во четвртокот во грчката престолнина Атина за одржување на редот и безбедноста во текот на традиционалното масовно одбележување на 49-годишнината од студентскиот бунт против хунтата.

Во вторникот започна тридневото одбележување коешто ќе кулминира денеска со традиционалниот протестен марш од Политехничкиот факултет, односно од местото каде што започна бунтот во 1973 година, до американската амбасада во Атина.

Протестот е закажан за попладневните часови, а строгите безбедносни мерки, кои предвидуваат и затворање на три метро станици, оваа година се идентични со оние од 2019 година, односно пред пандемијата за да се избегнат било какви инциденти за време на закажаните собири.

Министерот за цивилна заштита на Грција, Такис Теодорикакос во понеделникот ги повика сите учесници мирно да ја одбележат годишнината од бунтот.

Во текот на вчерашниот ден свежо цвеќе во дворот на Политехничкиот факултет положија лидерите на опозициските партии СИРИЗА, ПАСОК- Движење на промена и Комунистичката партија.