
Руските сили уништиле четири американски хаубици од коишто украинските единици гаѓаа цели во регионот Белгород, соопшти во неделата во редовниот дневен брифинг руското Министерство за одбрана, според кое изминатото деноноќие во руските операции во Украина биле убиени неколку стотина украински војници и уништена бројна воена опрема.
Белгород, со речиси 400.000 жители, е на околу 40 километри северно од границата со Украина и е административен центар на пограничната Белгородска област, која во минатото, исто така, беше цел на напади од Украина. Од 11-ти април на целата територија на овој регион е на сила ткн „жолто ниво“ од терористичка закана.
„Уништени се четири артилериски системи М777 од американско производство и повеќе десетици украински војници“, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана чиишто наводи не може да се проверат од независни извори.
Се истакнува дека рускиот напад бил изеден врз позициите на артилериската дивизија на 40-та артилериска бригада на Вооружените сили на Украина во близина на градот Волчанск и селото Гатишче во Харковскиот регион во североисточна Украина.
Покрај тоа, според Министерство за одбрана, руските воздушни сили повторни извеле удари врз фабриката „Мотор Сич“ во регионот Запорожје, на југоистокот на Украина. Таму биле уништени погоните во кои се склопуваат моторите за леталата на украинските воздушни сили.
Во Краматорск, во северниот дел на регионот Доњецк, од кои мали делови сѐ уште се под контрола на украинските сли, руските војски погодила две инсталации на американските повеќекратни ракетни системи со висока прецизност и долг дострел HIMARS, според истиот извор.
Од Москва, исто така, во денешното соопштение истакнуваат дека во текот на изминатото деноноќие, украинските сили се обиделе да извршат пробиви на неколку различни сектори на долгото боиште. Во насока Краснолиманск, исто така, на работ на Доњецкиот регион со руски артилериски оган врз неколку колони на украинските сили бил спречен обидот за напредување кон Макеевка, Червонипоповка и Кременаја. Украинските единици биле запрени и потиснати на позиции зад претходните. Украинските сили во еден ден на овој дел од боиштето загубиле 30 војници и странски платеници, три оклопни борбени возила и пет пикап возила со тешки митралези, според Москва, која не соопштува за загубите на своја страна, но во последниот период руските единици се статични и нивните операции се ограничуваат на артилериски и воздушни удари.
Обид за украински противнапад имало и во Јужнодоњецкиот правец кон четири населби, при што украинските единици загубиле 50 војници, две оклопни борбени возила, две други оклопни возила и три пикап вооружени возила.
Украинските сили немале активни дејствија во правецот на Купјанск, каде што биле под руски артилериски напади врз позициите на концентрација на жива сила, при што биле убиени 20 украински војници, два оклопни транспортера и уште две воени возила.
Руската авијација, ракетните единици и артилеријата погодиле команден центар во Херсонскиот регион, како и 62 артилериски позиции и 153 позиции на жива сила и воена опрема. Истовремено противвоздушната руска одбрана собориле шест украински беспилотни летала и два проектила на ракетни системи со долг дострел.