
Црковните прашања не смеат да бидат тема на дискусија на мешовитата историска комисија. Охридската Архиепископија има јасна и потврдена историја за нејзиното создавање, порачува претседателот на комисијата за односи меѓу верските заедници Даријан Сотировски по најавите дека Ванчо Георгиев и членовите на македонскиот дел од мешовитата историска комисија со Бугарија може да започнат преговори дали МПЦ-ОА е бугарска.
Тој во изјава за „Сител“ порача дека сите прашања поврзани со црквата не смеат да бидат тема на дискусија на оваа мешовита комисија и им порача на македонските историчари да бидат многу внимателни и одговорни доколку вакво нешто се бара од нив.
,,Oхридската архиепископија и како историска категорија и денес како македонска црковна реалност посебно е целосно заокружена, чиста и јасна и не гледам причина зошто тука треба да се отвораат проблеми”, вели тој за Сител.
Црквата има свои правила и догми кои ги почитува целиот православен свет и државата ќе биде одговорна доколку не го отфрли обидиот да се отвори било какво прашање за црквата.
Владиката Петар потенцира, фактот дека Охридската архиепископија никогаш не била бугарска го признаваат и пишуваат најреноминираните професори од Бугарија за историски и црковни прашања.
,,Историската комисија нема право на тоа, таа треба категорички да отфрли секаков обид да се оптпочнат било какви разговори за Охридската архиепископија, дури не требаше да водат разговори ни за Свети Кирил и Методиј, ни за Свети Климент, Свети Наум…Ако тоа се случи тогаш одговорноста и срамот за такво нешто ќе падне врз тие личности, комисии, кои биле соработници со нашите непријатели околу идентитетот и национален и црковен”, вели владиката Петар.
Во изјавата владиката Петар не зборува за план на црквата да фрли анатема ако Ѓоргиев и членовите на комисијата од македонска страна прифатат да разговараат чија е црквата но таа опција стои како можност за владиците на МПЦ-ОА.
Анатема е црковно проклетство, во потесна смисла на зборот. Во поширока или попроста форма, анатема се изречени зборови од страна на црковно лице (свештеник, владика, јеромонах, итн.) кои всушност означуваат проколнување или некој вид на клетва.
Дека историчарите не смееле да дозволат да се разговара ниту за Св. Просветители Кирил и Методиј сметаат и аналитичарите. Благојче Атанасовски е скептичен дека се можни компромисни решенија бидејќи кај бугарската страна не гледа волја кај политичка и научноопштествена јавност. Прашање е кога повторно ќе го искористат правото на вето, јавува телевизијата.