
Казахстан сака да има позначајна улога во транзитот на товарниот сообраќај меѓу Русија и Иран, изјави во понеделникот вицепремиерот Серик Жумангарин, истакнувајќи ја важноста од новиот коридор север-југ.
Западот воведе низа санкции против Русија и Иран, принудувајќи ги двете земји да ја зацврстат соработката во сојузништво, па така во моментов Техеран на Москва и овозможува пристап до пристаништата во Персискиот залив за транспортот на руските стоки во Азија. Но, истовремено се оценува дека во блиска иднина Русија ќе ги контролира и сите морски речни патишта преку кои ќе можат иранските па и кинеските стоки да стасуваат до северните пристаништа.
Казахастан, поранешна советска централноазиска република со голема руска заедница на своја територија, како што инсистираат западните престолнини се дистанцирал од политиките на Москва, но Астана не престанува да бара контакти со Русија која и натаму е нејзин најголем трговски партнер. Така, во понеделникот вицепремиерот Жумангарин изјави дека неговата земја сака позначителна транзитна улога на коридорот по потегот север-југ, меѓу Русија и Иран.
Стоките може да патуваат преку Каспиското Море или со железница преку Казахстан и Туркменистан, рекол Жумангарин на видеоконференцијата со руските владини претставници во која учествувале и претседателите Владимир Путин и Касим-Жомарт Токаев.
„Во првите девет месеци од годинава преку оваа источна рута пренесени се 80.000 тони товар, осум пати повеќе отколку целата ланска година, иако капацитетот на коридорот дозволува и шест милиони тони годишно“, изјавил потпретседателот на владата на Казахстан.
Транспортот би можело да го олесни намалувањето на бирократијата и подобрување на инфраструктурата, додал Жумангарин оценувајќи дека Казахстан го разгледува и градењето на трет железнички премин на границата со Кина.
Казахстанскиот претседател Токаев се средна во понеделникот во Москва со рускиот колега по должност Путин, во првата посета во странство откако освои нов мандат на предвремените претседателски избори.
Казахстан претходните месеци имаше преговори со Европската унија за зголемување на транзитните капацитети во рамките на европскиот проект за пренасочување на кинескиот товарен сообраќај за ЕУ од Русија на Каспиското Море и Кавказот, што сепак е подалечна и засега инфраструктурно слабо развиена рута.
Истовремено во понеделникот Москва и Астана, по повод одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето меѓусебни дипломатски односи, објавија дека двете земји ќе преземат заеднички чекори за отпочнување на мултилатералните преговори за конвенција во борбата против хемискиот и биолошкиот тероризам во регионот, алудирајќи на обвинувањата на Русија за постоење десетици американски и западни биолаборатории во Украина и Грузија, во прв ред во кои се експериментира со патогени во регионот на Кавказот.
Во декларацијата, потпишана од двајцата претседатели, се наведуваат и заедничките напори во справувањето во верската нетолеранција, меѓународниот тероризам, нацизмот, трговијата со наркотици и информатичката безбедност, како и други глобални безбедносни ризици