
Зајакнати полициски сили се распоредени во вторникот во неколку кинески градови за да се спречат повторни протести кои изминатите денови ја зафатија земјата поради епидемиолошките политики на нулта толеранција во однос на Covid-19 и ограничување на слободата на движењето и воопшто слободите, пренесува агенцијата DPA.
На улиците на главниот град Пекинг и другите големи градови како Шангај, Гуангжу и Хангжу од понеделникот се засилени полициските контингенти.
Безбедносните сили сѐ почесто ги запираат минувачите и ги проверуваат нивните телефони барајќи сомнителни содржини или софтвер, вклучително и VPN-и кои може да се користат за заобиколување на интернетската цензура, што во Кина се користи за да се дојде до адресите на западните медиуми а на Западот да се дојде до содржината на руските медиуми.
Во понеделникот полицијата особено била насочена на обезбедување на шеталиштата крај реката Лиангма во близина на дипломатскиот кварт, каде што неколку стотици луѓе протестирале во неделата ноќта, пренесуваат западните медиуми.
Во меѓувреме во финансискиот центар Шангај поставени се бариери по должина на авенијата Вулимчи, за да се спречат собири на поголема маса луѓе, како што се случило во текот на изминатиот викенд, според истите извори.
Неодамнешните протести, многу невообичаени за земјата со 1,4 милијарди жители во која на власт е Комунистичката партија, беа поттикнати од бесот заради десетте жртви во пожар во повеќекатница во Урумкчи, главниот град на западната провинција Ксинџијан-Ујгурија, Имено, на социјалните мрежи минатата седмица беше објавено дека еден од влезовите на зградата бил блокиран и го попречил спасувањето поради строгите епидемиолошки мерки на ограничување на движењето, што го негираа градските власти.
Големи делови од регионот Ксинџијанг и неговиот главен град поради рекордните нови случаи на зарази беа ставени во карантин повеќе од сто дена.
Кина моментално бележи најголем број случаи на Covid-19 од почетокот на пандемијата. Во вторникот, здравствената комисија во Пекинг објави 38.400 нови случаи, што е малку помалку од рекордот од повеќе од 40.000 поставен ден претходно. Во моментов има големи ограничувања на движењето во неколку кинески градови со повеќе од милион жители, како што се Пекинг, тешко погодениот јужен кинески град Гуангжу и Чонгкинг.