
Четири лица се осудени во средата на смртни казни во Иран поради обвиненијата дека соработувале со израелската тајна служба и извршувале грабнувања на Иранци, објави иранската новинска агенција Mehr.
Техеран неодамна ги обвини израелските и западните разузнавачки служби дека планираат предизвикување граѓанска војна во Иран, кој го зафатија наголеми антивладини протести од Исламската револуција во 1979 година, главно во покраините со курдското малцинство каде што беа изведени и неколку терористички напади и каде заедно со безредијата на протести се убиени десетици припадници на иранските безбедносни сили. Со активно учество на организациите на иранските дисиденти во странство, протестите подоцна се проширија и во големите градови, главно меѓу студентската младина и приврзаниците на либералните струи во иранското општество.
Агенцијата Mehr ги објави имињата на осудените со објаснување дека се „осуден на смрт подари кривичното дело соработка со разузнавачката служба на ционистичкиот режим и поради грабнувања“.
„Со помош на ционистичката разузнавачка служба, оваа разбојничка мрежа крадела и уништувала приватна и јавна сопственост, грабнувала луѓе и изнудувала лажни изјави и признанија“, се наведува во информацијата.
Четворицата биле уапсени од припадниците на Револуционерната гарда и министерството за разузнавачката заедница, се додава.
Уште три лица добиле затворски казни меѓу пет и десет години, под обвинување дека дејствувале против националната безбедност, помагале во грабнувањата луѓе и илегално поседувале оружје.
Во сите случаи станува збор за првостепени пресуди, и осудениците имаат право на жалби.
Истовремено во средата челникот на доброволечкиот корпус Басиџ, бригадниот генерал Голамреза Сулејмани изјавил за агенцијата Mehr дека во текот на неодамнешните протести, иранските безбедносни сили успеале да спречат хибридна војна против Иран, која според него била координирана меѓу дури 47 странски разузнавачка агенции од повеќе земји.
„Безредијата требаше да започнат на почетокот од октомври, истовремено со почетокот на работата на факултетите и средните училишта, но почнаа порано со инцидентот“, вели Сулејмани алудирајќи на смртта на младата курдска жена во притвор на милицијата за заштита на јавниот морал
Техеран го обвини Западот за разгорување смртоносни безредија ширум земјата започнати во провинциите каде што главно живее сунитското и курдското малцинство на кои им се придружија претежно студенти во многу градови, по смртта на 22-годишната Курдка Махса Амини на 16-ти септември.
Амини почина во полициски притвор откако милицијата за заштита на јавниот морал, бидејќи не го почитувала прописот за покривање на косата. Демонстрантите ја раширија веста на социјалните мрежи дека девојката починала од удари на полицијата, додека официјалните власти во Техеран тврдат дека починала од последици на заболувања од кои претходно патела.
Претходно во понеделникот разузнавањето на Револуционерната гарда предупреди на „големата улога на странските шпионски служби, во прв ред американската Централна разузнавачка агенција (CIA) во организирањето на насилните безредија“ во Иран.
„Разузнавачките информации и доказите покажуваат дека CIA изработила обемен план во соработка со нивните сојузнички шпионски служби и претставници на реакционерните сили пред немирите за да иницираат хаос со цел вршење злосторства против иранската нација и територијалниот интегритет на земјата, како и за создавање терен за зголемување на надворешните притисоци“, соопштија иранските разузнавачи.
Според сознанијата на Техеран, како што е соопштено, „CIA ја одиграла главната улога“, а тесно соработувале разузнавањата на Велика Британија, Израел и Саудиска Арабија. Притоа се истакнува дека против Иран била планирана и изведена „глобална медиумска војна“, со вклученост на мејнстрим медиуми, телевизиски канали, како и социјалните медиуми, а платформите Twitter и Instagram ги игнорирале своите регулативи за лажните вести, со што создале простор за засилени манипулации на јавноста и граѓаните.