
Сојузот на синдикатите на Македонија апелира Уставниот суд да го поддржи договореното помеѓу социјалните партнери – недела да биде неработен ден за најголем број на работници освен за дејностите кои социјалните партнери ги определија како исклучоци поради неопходноста од континуирано одвивање на одредени производни процеси.
– Потсетуваме дека и рефератот на овој предмет беше да не се поведе постапка, што значи Законот за измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кој се уреди правото недела да биде неработен ден да остане во правниот поредок и недела да остане неработен ден, а очекуваме ваквиот реферат, овој пат да биде поддржан едногласно од сите уставни судии имајќи во предвид дека претходниот пат одлуката не беше донесена поради потребниот кворум, но 4 уставни судии го поддржаа рефератот, велат од ССМ.
Оттаму посочуваат дека во никој случај правата од работен однос во демократските држави не смее и не може да се креираат само врз основа на волјата и барањата на оние работодавачи кои, како што велат, се мотивирани само од својата желба за поголем профит, без притоа да се води грижа за остварување на работничките и човековите права.
– Поради сето ова го повикуваме Уставниот суд да не ја прифати иницијативата на Стопанската комора како спротивна на Уставот и да ги остави во сила одредбите од законските решенија со кои недела е неработен ден за најголем број на работници и на тој начин да придонесе за зацврстување на правниот поредок и правната сигурност на работниците и граѓаните во државата, се наведува во соопштението од ССМ.