Британски министер бара на Албанците да им се забрани барање за азил

-На Албанците треба да им се забрани да аплицираат за азил во Велика Британија, бидејќи доаѓаат од навидум безбедна земја, изјави британскиот министер за емиграција Роберт Џенрик. Тој предупреди дека илегалната миграција најверојатно ќе биде проблем во следните неколку години.

Џенрик наведе дека Албанците сочинуваат повеќе од една третина од 33.000 мигранти кои за девет месеци од оваа година дошле во Велика Британија со мали чамци преку Ла Манш и нагласи дека тие претставуваат приоритет број еден.

Претходно, британското МВР одби да го коментира извештајот објавен во „Сандеј Тајмс“ дека министрите работат на легислатива што може да им забрани на барателите на азил кои влегуваат по нелегални патишта да се населат во Обединетото Кралство.

Министерката Суела Браверман го повикала премиерот Риши Сунак да ги поддржи плановите да се стави во притвор секој илегален мигрант по пристигнувањето.

Вчера британските медиуми објавија дека речиси 20 отсто од децата мигранти без придружба од Албанија се исчезнати.

До 31 октомври, локалните власти примија 197 албански деца, од кои 39 исчезнале.