Индонезија со нов закон го криминализира вонбрачниот секс

Индонезискиот парламент во вторниkот усвои нов кривичен закон со којшто се криминализира сексот надвор од бракот.

Претставничкиот дом го потврди законот со акламација на пленарната седница, и покрај главно надворешните критиките дека ќе ги загрози граѓанските слободи во земјата со најголема муслиманска популација во светот. Законот ќе стапи на сила во 2025-та, три години по носењето.

„Ова го чекавме 59 години“, изјави Едвард Омар Шариеф, заменик министер за правосудство и човекови права, додавајќи дека досегашниот кривичен законик останал од холандското колонијално владеење.

Во понеделникот стотици Индонезијци се собрале во неколку градови, барајќи од пратениците да го отфрлат предлог-законот. Се очекуваат повеќе протести по неговото усвојување, пренесуваат странските медиуми повикувајќи се на индонезиски извори.

„Индонезија предлага да се тргне на патот на катастрофалното кршење на правото со криминализирање на сексот надвор од бракот“, објави на Twitter претходно Фил Робертсон, заменик на директорот во одделот за Азија во меѓународната невладина организација за човекови права Human Rights Watch.

Законот предвидува дека сексуалниот однос надвор од бракот се казнува со една година затвор, а двојките кои живеат заедно во вонбрачна заедница може да добијат до шест месеци затвор. Но за полицијата да може да покрене кривична истрага за вакви дела, пријавата би требало да ја поднесе член на семејството, што е одредба којашто се смета за компромис за да се примират и конзервативците и либералите.

Сексот надвор од бракот, вклучително и хомосексуалноста, засега не е кривично дело но во конзервативната Индонезија се смета за табу тема. Тоа е забрането само во покраината Ацех каде владее строгото шеријатско право, а престапниците таму се казнуваат со 100 уради со стап.

Истовремено во вторникот во индонезискиот парламентм е поднесен предлог-закон кој предвидува најмногу три години затвор за секој кој „ќе го нападне достоинството“ на претседателот или потпретседателот. Оние коишто ја навредуваат владата би можеле да добијат до 18 месеци затвор или три години, доколку делото предизвикува општествени немири. Ширењето лажни вестои, пак, е казниво до шест години затвор.