
Преку својот фесјбук – профил министерот за надворешни работи Бујар Османи порача дека Македонија нема да воведе визи за граѓаните на Косово. „Северна Македонија нема да воведе визи за Косово. Заклучокот на Европската комисија ќе биде ревидиран”, напиша Османи. Министерот притоа не ја спомнува Турција, за чии граѓани Европската комисија бара од Македонија исто така да се воведат визи, a со која земја Македонија со децении има блиски и пријателски односи.
Деновиве Владата донесе одлука од 1 јануари да воведе визи за граѓаните на Куба и Боцвана, кои држави се исто така наведени во барањето на Брисел до Скопје.
„Македонија од 2021 година не презела мерки за дополнително да ја усогласи визната политика со таа на ЕУ“, гласи оценката на Европската комисија во извештајот за мониторинг на безвизниот режим.
Комисијата забележува дека граѓаните од Азербејџан, Боцвана, Куба, Ел Салвадор, Косово и Турција сѐ уште можат да влегуваат во Македонија без визи.
„Секое отстапување од листата на ЕУ на земји за кои е потребна виза треба да биде избегнато. Северна Македонија мора да обезбеди напредок во усогласувањето на својата политика со европската листа, особено во однос на овие трети земји, кои претставуваат ризик за нелегална миграција или ризик по безбедноста на ЕУ. Тоа ќе биде важна тема во понатамошниот дијалог помеѓу ЕУ и Северна Македонија”, се вели во извештајот.
ЕК најави дека ќе продолжи да ги мониторира и оценува чекорите на Македонија кон усогалсувањето на визната политика со таа на ЕУ, во согласност со членот 8 од Правилникот за визи и механизмот за суспензија на визната либерализација.
ЕК препорачува Македонија да ја усогласи визната политика на Македонија со листата на ЕУ на земји на кои им е потребна виза за влез во Унијата.
За граѓаните на Азербејџан, Боцвана, Куба, Ел Салвадор, Косово и Турција е потребна виза за ЕУ, а се уште имаат слободен влез во Македонија. Секое натамошно отстапување од листата на ЕУ за неопходни визи треба да се избегнува, велат од Брисел.
Дали Македонија ќе успее да избегне воведување на визи кон Турција, како што тоа се обидува да го стори министерот Османи кога во прашање е Косово, останува да се види или да се сочека уште едно фејсбук – обраќање на Османи.
Тоа што е факт е дека Македонија и Турција имаат пријателски односи, Анкара во изминатите децении на земјава ѝ пружа секаков вид на поддршка, а како мост на пријателството се и турската заедница во земјава и македонската во Турција.
Кога пак во прашање се Куба и Боцвана, како што вчера забележа преку соопштение Левица, воведувањето на визи за граѓаните на тие земји, кои меѓу првите ја признале Македонија под уставното име, практично ќе значи дека нема да можат да дојдат во Македонија, имајќи предвид дека до виза ќе можат тамошните граѓани да дојдат преку амбасади во трети земји.