
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) продолжува понатаму и ја продлабочува истрагата во врска со појавата на предвремено полагање на правосуден испит од страна кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители, а со проверките што денеска ги најави претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, ќе бидат опфатени сите кандидати на Академијата од нејзиното формирање денес.
Ваквата појава ДКСК ја откри преку случајот со Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието Талат Џафери, кому му било овозможено предвреме да полага правосуден испит и да конкурира и да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители.
„Бидејќи по таа анонимна пријава се оформи предмет и се дојде до овие резултати до кои се дојде, фактички се открива една појава која што била заживеана, која е многу сериозна и која се храни во државата. Од тие причини ние сакаме да расчистиме со појавата и продолжуваме понатаму, во насока да ги разгледаме сите кандидати што биле во Академијата за судии и јавни обвинители од формирање на Академијата до денес“, рече Ивановска.
Како што најави таа, предмет на интерес на Антикорупционерите ќе биде какви документи поднеле кандидатите, дали имале предвреме положен правосуден испит или не. Ивановска посочи дека прашањето што им се наметнува е дали и кои сè судии и јавни обвинители кои што завршиле на Академијата и сега се делители на правда, го прекршиле законот и предвреме полагале правосуден испит.
„Бидејќи Министерството за правда не ни дава доволно информации, дали е тоа оправдано или не ќе си каже Државниот архив откако ќе ги спроведе тие контрола од аспект на тоа колку требало да биде долго времето на чување на документите, тоа си е нивна работа. Нам ние е прашањето кои сè судии и јавни обвинители, дали некој од нив досега го прекршил законот и полагал предвреме, а од друга страна е делител на правда како судија или обвинител“, истакна Ивановска.
Тоа, според првата антикорупционерка, е една од задачите што ДКСК си ги поставило во расплеткувањето на, како што велат, оваа појава, а не изолиран случај. Другата задача што ја имаат пред себе е да се видат што се случувало со универзитетите.
„За овој универзитет (Универзитетот на југоисточна Европа – УЈИЕ н.з.) видовме дека се давале такви уверенија, ајде да видиме што се случувало во другите универзитети. За тоа ќе го ангажираме Просветниот инспекторат да направи контрола и да види од периодот од 2008 до 2012 година какви уверенија (уверенија за завршени студии што се издаваат пред врачување на дипломите) издавале останатите универзитети и така ќе продолжиме понатаму. Ова сега нам ни произлезе од самиот случај, произлезе појавата, бидејќи кога упативме барање до инспекторатот да изврши увид на Факултетот (Правниот факултет при УЈИЕ н.з) колку кандидати добиле такви уверенија бројката излезе голема – 449 за четири години и тоа ни укажува дека тоа не е изолиран случај, туку дека е појава и затоа продолжуваме понатаму“, рече Ивановска.
Таа истакна дека доколку истрагата на ДКСК утврди дека повеќе судии и јавни обвинители кои во моментов работат во правосудните институции го заобиколиле законот „тогаш можеби ќе треба на друго ниво да се одлучи што ќе се прави“.
Ивановска ова го спореди со процес на ветинг.
„Ако утврдиме појава на повеќе такви судии и јавни обвинители кои што во моментов ја извршуваат таа функција тогаш можеби ќе треба на друго ниво да се одлучи што ќе се прави затоа што овој чекор на некој начин е ветинг. Проверка на тие кои што се извршители во правосудниот систем и делат правда. Колку тие го почитувале законот, дали го почитувале. Сега, да не ги осудуваме предвреме, затоа сакаме да провериме дали тие го заобиколувале законот за да седнат на тоа столче“, рече претседателката на ДКСК.
За евентуално донесување на закон за ветинг, тема која е актуелна деновиве, особено од редовите на ДУИ, по критиките на меѓународните партнери пред сè САД поради состојбата со корупцијата во земјава, Ивановска вели дека тоа е работа на политичката волја.
„Околу законското решение дали, какво ќе биде и што ќе содржи тоа е работа на политичката волја, дали тие се подготвени да го направат тоа, затоа што толку години наназад го слушаме зборот ветинг, а ништо не се направило во врска со тоа од разни причини“, вели Ивановска.
Во врска со случајот со Барлет Џафери, Ивановска вели дека ги собрале сите документи што им се потребни.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 75. седница одржана на 25 ноември одлучи дека не може да отвори предмет за случајот со Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието Талат Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата.
ДКСК утврди дека Барлет Џафери се здобил со право да полага правосуден испит, иако сè уште не бил дипломиран, меѓутоа дека немаат услови за да го докажат тоа.
Од Министерството за правда информираат дека Барлет Џафери положил правосуден испит на 5.2.2015 година, а потписот за положениот испит го ставил тогашниот министер за правда Аднан Јашари. Документите на кандидатите кои полагале правосуден испит било пракса да се чуваат една година.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во гостување во емисијата „Топ Тема“, на 28 ноември истакна дека предвременото полагање правосуден испит било масовна појава во тоа време, кога и синот на Талат Џафери положил правосуден испит пред да дипломира.
Министерот за правда Никола Тупанчески не сакаше да коментира дали на Барлет Џафери треба да му се одземе предвреме положениот правосудниот испит, но вели дека целата состојба треба да се провери.
„Доколку навистина постојат случаи кои се граничат со примената на законот, тогаш би требало да реагираат и другите институции. Целата состојба треба да се провери. Не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно, некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина“,
рече Тупанчески одговарајќи на новинарско прашање на 30 ноември по отворањето на првата дигитална судница во КПУ „Идризово“.
Тупанчески за предвреме положените правосудни испити: Ако постојат случаи што се граничат со законот, институциите би требало да реагираат
Ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа и академик, Абдулменаф Беџети, пак, неодамна изјави дека високообразовната установа чиј ректор е нема одговорност во случајот со синот на собранискиот спикер Талат Џафери, на кого му било овозможено сè уште недипломиран да полага правосуден испит и да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители.
Беџети во интервју за емисијата „Трилинг“ рече дека едно се студиите и процедурите на факултетот со издавање на уверенија за завршени студиски обврски, а друго е што „некој дотичен влегува во друга инстанца без да ги исполнува пропишаните услови“.