
Фудбалерите на Аргентина се пласираа во полуфиналето на Светското првенство во Катар откако во петокот вечерта во четвртфиналното соочување на стадионот во Лусаил пред 85,000 гледачи по подоброто изведување на пенал-серијата ја совлада Холандија со 6:5 (2:2, 2:2, 1:0).
Драмата дојде во режија на самите Аргентинци кои доминираа во најголемиот дел од дуелот, имаа сигурно водство од 2:0 на помалку од десет минути од регуларните 90 минути, но дозволија Холанѓаните прво да намалат а во последната секунда од долгото судиско продолжување на второто полувреме и да израмнат.
Првиот погодок на мечот, во 35 минута го постигна играчот на Атлетико Мадрид, Нахуел Молина, а во 73 минута капитенот Лионел Меси од пенал зголеми на 2:0. Но во 83 и 111 минута израмни Вут Вегхорст.
Откако немаше голови и по двете продолженија од по 15 минута, во чиј финиш Аргентина испушти шанса да обезбеди победа, одлуката дојде преку пенал-рулетот кога аргентинскиот голман Емилијано Мартинез го одбрани првите два удара, а за пласманот на „Гаучосите“ погоди Лаутаро Мартинез.
Од самиот почеток на дуелот и во најголемиот дел Аргентина беше подобра од Холанѓаните. Особено Аргентинците ја преземаа контролата на средината на теренот и го контролираа текот на играта во која, барем во воведниот дел, немаше вистински шанси.
Аргентинците, кои беа физички инфериорни од противникот, се обидуваа со удари од далечина, и тоа преку Меси и Де Пол. Се чини дека целиот тим на Аргентина, навивачите на стадионот и аудиториумот крај телевизорите како да исчекуваа брилијантен потег на Меси. А тоа се случи во 35 минута, кога аргентинскиот капитен ја доби топката на 40-ина метри од холандскиот гол, измина десетина метри и со одлична асистенција го пронајде Молина кој издржа на грбот противнички играч и го совлада Ноперт.
Набрзо по водството уште еднаш се обиде Меси, а на спротивната страна Холандија во првото полувреме не стори ништо конкретно во нападот. Најдобриот холандски играч во досегашниот тек на мундијалот Гакпо беше невидлив, а целиот среден ред и нападот беше загубен покрај растрчаните и доминантни Аргентинци.
Слична беше ситуацијата на теренот и во второто полувреме, и Аргентина целосно ја имаше контролата над текот на мечот. Имаше посед на топката, ги држеше противниците далеку од својот гол. Холанѓаните во тие моменти делуваа немоќно, како што веројатно никој не може да се сети кога претходно.
И повторно се чекаше нов потег на Меси, а Аргентина за малку ќе го удвоеше водството во 63 минута. Од 20 метри до холандскиот гол Меси изведе слободен удар, но топката за сантиметри ја прелета пречката. Но Меси се впиша меѓу стрелците по десет минути, откако по една серија добри проигрување Думфрис го собори Аку ња кој од левата страна силовите влезе во холандскиот шеснаесетник, а од белата точка реализираше аргентинскиот капитен. За Меси ова беше јубилејниот десетти погодок на светските првенства со што се израмни со легендарниот стрелец Габриел Батистута како најдобар стрелец на Аргентина на мундијалите.
Холандија цели 80 минути делуваше отсутно од случувањата на теренот, но ја искористи пасивноста на Аргентинците кои не го искористија тоа да го докрајчат грогираниот противник, сметајќи дека веќе се во полуфиналето. Во 83 минута дотогаш единствената вистинска акција на Холанѓаните ја проби задреманата аргентинска одбрана. Вегхорст, доминантен со својата висина во однос на аргентинската одбрана добро скокна на нафрлена топка и погоди за 1:2. Во тие моменти Аргентинците ги фати паника, а Холанѓаните добија крилја и само неколку минути подоцна Бергхуис можеше да израмни на 2:2.
Сѐ понервозната завршница дополнително кулминираше во 89 минута кога на теренот дојде до мешаница и физички пресметки во која учествуваа и речиси сите играчи од холандската клупа. Иако имаше и туркања и фрлања, на крајот сѐ заврши само со жолти картони.
И потоа следуваше шокот за Аргентинците кои не успеваа повеќе да ја задржат топката во свој посед и само ја исфрлаа во поле или надвор од теренот давајќи им шанса на Холанѓаните да организираат напад за израмнување. Тоа се случи откако шпанскиот арбитар Антонио Мигуел Лахоз го продолжи вториот дел за 10 минути, а шокот дојде во последните секунди од 111-та. Аргентинците направија прекршок непосредно пред својот шеснаесетник и поставува голем жив ѕид бранејќи се од директен удар кон нивниот голман. Но Копмејнерс итро ја додаде топката до Вегхорст кој успеа да го издржи дуелот со Фернандез пред и од свртување од средината на казнениот простор успеа да ја погоди аргентинската мрежа за 2:2 и продолженија. Инаку Вегхорст во игра влезе во 78 минута од мечот.
Во првото продолжение на теренот се пренесе нервозата од крајот на вториот дел, со многу прекршоци и вербални препукувања а судијата Лахоз делеше жолти картони. По неубедливото прво продолжение, во финишот на второто Аргентинците ја повторија играта од првиот дел и тргнаа на сѐ. Во 114 минута Лаутаро Мартинез биеше силно од шеснаесетникот, но топката го погоди Ван Дајк, Ди Марија шутираше директно од корнер под пречката но високиот Ноперт не дозволи да биде изненаден и боксуваше во корнер. Малку потоа се заканија и Фернандез и Пецела, а на крајот во последната 120 минута Фернандез ја погоди стативата.
Така и ова четвртфинале, како и претходното во кое Хрватска го елиминираше Бразил, беше решавано со удари од белата точка. Аргентинскиот голман Мартинез ѝ донесе почетна предност на својата селекција бравурозно бранејќи ги ударите на Ван Дајк и Бергхуис, а на крајот Лаутаро Мартинез го реализираше четвртиот пенал со кој Аргентина остана со два гола предност пред последната серија пенали за што веќе немаше потреба.
Аргентина за влез во полуфиналето ќе игра со Хрватска во вторник со почеток во 20 часот.