Украина подготвена за удари на територијата на Русија, откако доби сигнал од САД

Киев во случај на натамошни руски ракетни напади која ја разорија украинската енергетска инфраструктура е подготвен да преземе напади врз цели на територијата на Русија, изјави во саботата секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексеј Данилов, ден откако беше објавено дека Вашингтон на преиспитал својата процена да не инсистира Украина да напаѓа цели на руска територија.

„Ќе бидеме способни за сѐ. Затоа, доколку нешто се однесува на нашите интереси, нема никого да прашуваме каде да го гаѓаме непријателот. Бидејќи нашиот непријател се наоѓа почнувајќи од нашите граници па до Владивосток“, рече Данилов за телевизиската агенција НТА.

Претходно во петокот вечерта британскиот весник The Times во своето електронско издание, повикувајќи се на свои извори од Пентагон, објави дека САД ја ревидирале својата процена за заканата од ескалација на судирот од страна на Русија и повеќе да не инсистираат Украина да не изведува напади на руска територија.

„Сѐ уште ги користиме истите процени за ескалацијата, но стравувањата од ескалација се промените во споредба со почетокот (на конфликтот). Ситуацијата се промени“, го цитира весникот својот неименуван соговорник.

Според изворот, во моментов во Вашингтон се помалку загрижени дека ударите на украинската војска на руска територија би можеле да ја предизвикаат Москва остро да го ескалира судирот.

„Ние не му кажуваме на Киев ‘Не ги напаѓајте Русите (во Русија или Крим)’. Ние не можеме да им кажуваме што да прават. Од нив зависат како ќе го користат своето оружје. Меѓутоа, кога ќе го користат оружјето коешто им го испорачуваме ние само инсистираме украинската војска да ги почитува меѓународните закон и за водење војна и да ги почитува Женевските конвенции“, додал соговорникот на The Times.

Истакнал дека таквото ограничување значи дека за украинските сили цели не смеат да бидат семејства на Руси, како и дека Вашингтон се противи на ликвидации на конкретни лица и додал дека „Колку што знаеме, Украина ги следи овие упатства“.

Русија претходно ја обвини Украина за изведување на напади со дронови на руска територија, вклучителнмо и нападот од понеделникот кога се погодени две воздухопловни бази на стотици километри од украинската граница. Но некои аналитичари предупредуваат дека таквите инциденти на Москва може да ѝ послужат како изговор за ексалација на воените дејствија на територијата на Украина.

Притоа руската армија предупреди дека пред нападите на аеродромите во Саратоската и Рјазанската област од 5-ти декември биле применети дронови од советско производство, како и дека двете локации биле снимени на 3-ти и 4-ти декември од комерцијалните сателити на американската компанија Maxkar којa од почетокот на војната на Киев му обезбедува сателитски снимки во реално време за движењата на руските единици.

Западните аналитичари, пак, наведуваат дека во Саратов станува збор за базата „Енгелс“ каде се сместени стратешките бомбардери и аеродромот во Рјазан, „само неколку часови возење од Москва“, што е „демонстрација на очигледно новата способност на продирање на стотици километри длабоко во рускиот воздушен простор“. Киев директно не ја презема одговорноста за тие напади, но ги славеше.

Според шефот на руската делегација на разговорите во ОН за воена безбедност и контрола над вооружувањето во Виена, Константин Гаврилов, на Киев „всушност му беше дадена јавно изречена наредба да ја изврши оваа перфидна провокација“. Притоа потсетува на изјавата на латвискиот министер за надворешни работи од 30-ти ноември во Советот на НАТО кои рече дека „евентуалните украински напади врз воени цели длабоко на територијата на Русија ќе бидат оправдани“.

„Во текот на 2022 година во погоните на авијацискиот завод во Харков биле изведени работи за модернизација на споменатите беспилотни летала во кои учествувале стручњаци од конструкторското биро ‘Луч’ од Киев и од американската корпорација ‘Raytheon Technologies’. Долетот на таков дрон е до 1.000 километри“, вели Гаврилов.

Додаде дека на Москва ѝ е јасно во која насока било планирано да се користат дроновите по модернизацијата. Истовремено рускиот дипломат истакнува дека повеќето цели кои ги напаѓа украинската војска се „одредени од западните господари на киевскиот режим“.

„Споменатите беспилотни летала ‘Ту-1141 Стриж’ (од советско производство каков што пролетта година падна во Загреб лансиран од украинска територија) се насочувани кон целите со помош на американскиот глобален сателитски систем GPS. Покрај тоа, САД и нивните сојузници веќе одамна користат различни вселенски системи за разузнавачко-информатичка поддршка на украинската војска, вклучително за откривање на позициите, правците на движење и дејствијата на руските трупи“, појасниа Гаврилов.

Според тврдењето на портпаролот на Стејт департментот од петокот, Нед Прајс, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не ја охрабрува Украина да напаѓа цели надвор од нејзината територија и не поттикнува такви напади.

Од друга страна, постојаниот руски претставник во ОН, Василиј Небензја во петокот предупреди дека вмешаноста на САД и други земји во насочувањето на украинските вооружени системи ќе имаат последици.