Грасо: Вучиќ знае дека НАТО никогаш нема да дозволи враќање на српската војска во Косово

Поранешниот портпарол на мисијата КФОР на НАТО во поранепната јужна српска покраина Косово и Метохија, која во 2008 година со поддршка на западните земји еднострано прогласи независност, полковникот Винченцо Грасо, оцени дека Северноатлантската алијанса и споменатата воена мисија никогаш нема да дозволат враќање на српската војска во регионот.

Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност при Обединетите нации од јуни 1999 година со којашто се бараше крај на судирите на Косово и Метохија и повлекување на војската и полицијата на тогашната СР Југославија од покраината, дава можност под одредени посебни услови дел од тој безбедносен персонал да може да се врати „со надзор на меѓународна безбедносна присутност и ограничен договорен број“. Притоа има различни толкувања, од Приштина тврдат дека станува збор за неколку стотици, а во Белград дека се однесува на до илјада припадници на српските безбедносни сили.

Реагирајќи на изјавата на српскиот претседател, Александар Вучиќ дека ќе се бара враќање на српската војска во Косово, согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, Грасо оценува дека со „ниедна одредба од таа резолуција не е предвидено тоа што го бара Белград“.

„Според Резолуцијата 1244, на српскиот персонал може да му се дозволи да врши само четири функции и ниедна од нив не е во согласност со актуелната ситуација и со намерата на Вучиќ, кој многу добро знае дека НАТО и КФОР никогаш нема да одобрат такво нешто“, објави Грасо на Twitter.

Тој во објавата ја толкува и  одредбата на која се повикуваат Вучиќ и српската премиерка, Ана Брнабиќ во најавата дека ќе бараат враќање на српските војници во Косово.

„По повлекувањето (од Косово), на одреден број југословенски и српски персонал, којшто ќе биде дополнително договорен, ќе му се дозволи да се врати за да ги врши следните функции: Поврзување со меѓународната цивилна мисија и присутните меѓународни безбедносни структури; Одбележување/чистење на минските полиња; Одржување присуство во местата на културно-историско наследство; одржување присуство на клучните гранични премини“, напиша Грасо.

Поранешниот портпарол на КФОР својата реакција ја објави во одговор на „твитот“ на новинар на приштинскиот портал  Gazeta Express, кој објави дека кога, по тримесечното секојдневно бомардирање на НАТО врз Србија при потпишувањето на тоашниот Кумановски договор во јуни 1999 година капитулацијата на српската војска во Куманово во јуни 1999 година кој го предвидуваше позиционирањето на меѓународните вооружени сили во Косово (КФОР), германскиот командант Хелмут Харф наводно на некој српски офицер му дал 30 минути рок заедно со неговите војници да го напушти Косово и Метохија.