Дојави за бомби на Скопскиот аеродром, во хотелот „Александар Палас“ и во салата „Борис Трајковски“

И денеска нови дојави за поставени експлозивни направи. Неофицијално, овој пат закани за бомби биле пристигнати на адресите на хотелот „Александар Палас“, на спортската сала „Борис Трајковски“, но и на скопскиот аеродром.

Полицијата е веќе на терен и се врши евакуација на вработените и на присутните граѓани во овие објекти.

Сите летови на скопскиот аеродром се откажани.

Oва е првпат закана за експлозивна направа да има на меѓународниот аеродром или во некоја спортска сала.

За денеска во 10 часот во хотелот „Александар Палас“ беше предвидено да присуствува и премиерот Димитар Ковачевски, на годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија на тема „Предизвици на економските политики во 2023 година“.

Претходно заканите се однесуваа за образовни установи, трговски центри, но и на зградите на МНР и на Народната банка. Вчера имаше дури 49 дојави за поставени бомби, што е најголем број досега за едно деноноќие. Сите претходни дојави беа  лажни.