
Универзитетот во Тетово е расадник на квалитетни кадри кои успешно се интегрираат во сите сегменти на општеството и голем дел од нив покажувајќи лидерски способности, учествуваат во креирање на позитивни промени и придвижувањето на државата напред, истакна денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири на манифестацијата по повод 28 години од основањето на Универзитетот.
На манифестацијата учествуваа претставници на академската и научната фела во државата, студенти претставници на извршната и законодавната власт во државата, како и претставници на дипломатскиот кор.
„Со основањето на Универзитетот во Тетово, првиот државен универзитет со настава на албански наставен јазик се оствари идејата на многу наши предци, интелектуалци и луѓе со мисија и визија да направат нешто за да се унапреди образованието на Албанците во Северна Македонија. Нивниот некогашен сон денес е реалност во која сите живееме“ рече Шаќири во своето обраќање.
Изрази благодарност до сите кои имаат придонес во основањето на Универзитетот во Тетово и до сите кои се трудат тој да напредува и да прераснува во еден од најсилните столбови на високообразовниот систем во државата.
„Денеска студии на сите три циклуси се организираат во современ објект, модерни амфитеатри, читални, лаборатории. Универзитетот има добро развиена мрежа на соработка со други образовни установи, со бизнис секторот и разни организации. На располагање се различни видови стипендии за студентите, како и средства за спроведување на научно истражувачки проекти. Најважно, Универзитетот има добро подготвен наставно – научен кадар од кој чест е да се учи и акумулира знаење“, нагласи Шаќири.
Потсети дека Министерството за образование и наука неодамна изгради нов студентски дом за потребите на студентите од овој Универзитет и по завршување на неколку формалности, тој ќе биде предаден на користење.
Како што рече, оваа нема да биде последна инвестиција на државата во Универзитетот.
„Државната поддршка од сите аспекти ќе продолжи и во иднина, не само за овој, туку и за сите други државни универзитети, затоа што, немаме друга алтернатива освен да им понудиме квалитетно образование на граѓаните“, додаде Шаќири.