
Иако славењето на теренот полека веќе стивнуваше, Лионел Меси не сакаше да го напушти стадионот „Лусаил Ајконик“ во Доха. Уживаше во секоја секунда на големиот успех и најважниот момент во неговата кариера.
Покрај сите титули, награди, признанија и богатството, досега во играчката кариера на аргентинската фудбалска ѕвезда имаше една дамка, а неа засекогаш ја избриша со волшебната претстава во Доха.
„Титулата секому е сон од детството. Има среќа да постигнам сѐ во кариерата, а она што недостигаше сега е тука. Ова е лудница, погледајте колку е прекрасен. Толку многу го посакував“, изјави Меси мислејќи на пехарот.
Кога ја прими наградата за најдобар играч на ова светско првенство, Меси мина крај трофејот наменет за победничката репрезентација, го погали и потоа се наведна и го бакна некриејќи го задоволството.
Цели 16 години и пет светски првенства му беа потребни на Меси конечно да го освои трофејот и така на најдобриот можен начин да ја заокружи својата блескава кариера.
„Посакував со ова да ја затворам кариерата. Знаев дека Господ во еден момент ќе ми го даде тоа и, не знам зошто, има чувство дека така ќе биде овојпат. Повеќе не можам ништо да барам, фала му на Бога, ми даде сѐ“, истакна Меси.
Го коментираше и финалниот натпревар, еден од најдраматичните во историјата на светските првенства.
„Многу страдавме, ова беше многу чуден натпревар, како и против Холандија, повторно ни се случи тоа“, рече Меси.
Алудираше на тоа што и на двата натпревара Аргентина по супериорната игра и убедливите водства од 2:0 дозволи во последните моменти од дуелите противниците да израмнат а потоа по двете продолженија да ја извојува победата преку подоброто изведување на пеналите.
Меси досега во кариерата освои 36 трофеи на клупско ниво, а со репрезентацијата до првенството во Катар имаше само олимписко злато од 2008 година, и минатогодишната победа на јужноамериканското континентално првенство Копа Америка.
Во клупските натпреварување одигра досега 1.002 натпревари во кои постигна 791 погодок и впиша 350 асистенции. Во дресот на Аргентина, пак, впиша 172 настапи во кои постигна 98 голови.
Во финалето во Доха го одигра својот 26-ти натпревар на светските првенства со што стана рекордер според бројот на настапите пред Германецот Лотар Матеус, а со 13 погодоци е најдобриот аргентински стрелец на светските првенства. Стана и првиот играч кој постигнал гол во секоја фаза од турнирот: во групната фаза, осминафиналето, четвртфиналето, полуфиналето и во финалето на едно исто Светско првенство.
„Го сакам фудбалот, го сакам она што го правам, сакам да бидам во репрезентацијата, да бидам во оваа група. И очигледно сакам да продолжам да живеам уште неколку натпревари во кои ќе бидам свески првак“, додаде Меси за аргентинската национална телевизија.