Во руски напади погодена клучната инфраструктура во и околу Киев

Најновите руски напади од понеделникот утрото, додека на украинскиот југоисток руските единици изминатиот викенд бавно но континуирано ги потиснуваат украинските позиции кон централниот дел на Украина, ја погодиле клучната инфраструктура во и околу Киев, објавија украинските власти.

Украинските власти, исто така, тврдат дека во утринскиот противвоздушната одбрана соборила 15 од 20-те дронови насочени кон главниот град. Украина редовно известува за соборување до 90 отсто од проектилите истрелани во масивните ракетирања врз нејзините градови, но истовремено од западните сојузници, во прв ред САД и НАТО, бара испорачување на современите противвоздушни ракетни системи „Patriot“.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави дека според првичните информации во нападот врз главниот град нема загинати и ранети, како и дека медицински екипи се испратени во погодените населби Соломјански и Шевченко, каде се сместени објекти на украинските власти.

„Како резултат на нападот на престолнината оштетени се критични инфраструктурни објекти. Инженерите за енергетика и греење работат на тоа брзо да се стабилизира состојбата со снабдување со енергија и греење“, објави Кличко на апликацијата Telegram.

Украинската страна инсистира дека Русија употребила околу 35 ирански беспилотни летала „Шахид“ иако не дава никогаш докази за тоа додека Москва тврди дека станува збор за дронови-камиказе од руско производство „Ланцет“ кои ги користи од почетокот на војната. Исто така, според украинската војска, во утринскиот напад биле уништени дури 30 руски дронови, па нејасни се извештаите за големите штети.

Олексиј Кулеба, гувернер на Киевскиот регион, кој не го опфаќа главниот град туку го опкружува, изјави дека во ноќните и утринските напади со дронови се уништени објекти од инфраструктурата и приватни домови. Повредени се две лица, според првичните информации.