
Северна Кореја во вторникот ја осуди промената во децениската воена доктрина на Јапонија како „сериозна закана“ за меѓународниот мир којашто „од корен ја промени“ регионалната безбедносна ситуација, предупредувајќи дека е подготвен на „вистинска акција“.
Јапонија минатиот петок најави историска промена во својата безбедносна политика, со планови за масовна мобилизација и удвојување на воениот буџет со изговор за сѐ поголемите амбиции на нуклеарните сили во регионот, односно Кина и Северна Кореја.
Покрај тоа историски корејско-јапонските односи ги обременува свирепото јапонско колонијално владеење над Корејскиот полуостров од 1910 до 1945 година, од што произлегуваат повеќе спорови и корејски обвинувања меѓу кои и за тоа дека Јапонија ги терал корејските жени да работат во воени бордели за војската. Пјонгјанг неодамна го обвини Сеул дека со прекугранични активности ја предизвикал епидемијата на Covid-19 во Северна Кореја, што јужнокорејската страна го отфрлија, и според процените на САД се подготвува да тестира нуклеарно оружје првпат од 2017 година, откако замреа преговорите со Вашингтон за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.
„Јапонија со усвојување на новата одбранбена стратегија, во којашто се наведуваат и капацитетите за покренување превентивни напади против други земји, создаде сериозна безбедносна ситуација“, соопштија од севернокорејското министерство за внатрешни работи.
Според истиот извор, кој го цитира службената новинска агенција KCNA, Јапонија „со формализирањето на новиот план за агресија од основа го помени безбедносното опкружување во источна Азија“.
„Токио ќе сфати дека овој избор е многу опасен и лош“, додаваат од Пјонгјанг и порачуваат дека својата загриженост и незадоволство ќе ги искажат со „конкретни акции“.
Ревидираната безбедносна стратегија, објавена во документот на владата на јапонскиот премиер Фумио Кишида, претставува големо отклонување од пацифичката безбедносна доктрина по Втората светска војна којашто на Јапонија ѝ ја наметнаа САД ограничувајќи ја и уставно само на копнени сили за самоодбрана. Но првите промени во смисла на зголемена милитаризација на Јапонија започнаа со уставни промени уште пред пет години, кога ограничено во специјални услови се одобруваше јапонски војници надвор од границите.
Јапонија сегашното безбедносно опкружување го смета „најсериозното и најкомплицираното“ од Втората светска војна,. Според Токио, кинеското воено присуство во регионот претставува „најголем стратешки предизвик“ на сите времиња, се наведува во документот, што е речиси идентично со зборовите наведени и во стратегијата на сојузничките САД.
Јапонија стравува дека Кина еден ден би можела да го нападне Тајван, кој го смета за своја одметната островска покраина и не ја исклучува можноста за нејзино враќање кон матицата и со употреба на сила.
Официјално Токио изразува загриженоста и поради присуството на кинеските бродови во близина на малиот архипелаг Сенкаку (или на кинески ли Дијаојиуда) во Источното Кинеско Море. Јапонската влада пред повеќе години го презема управувањето со овој приватен посед, но на него полагаат право и Кина и Тајван.
Сепак, јапонската влада порача дека сака да се придржува до политиката „исклучително насочена на самоодбраната“, истакнувајќи дека не сака да стане воена сила.