МОН се заканува дека ќе ѝ ги одземе надлежностите на Општина Штип

На Општина Штип може да и’ бидат одземени ингеренциите во образованието, доколку продолжи да назначува директори на основните и средините училишта без положен менаџерски испит. Ова е предупредувањето што стигнало до градоначалникот Иван Јорданов, кој вели дека централната власт му испраќа дописи да распише оглас за директори во училиштата кои се под локална самоуправа, иако актуелните в.д. директори се оневозможени од истата таа централна власт да ги положат менаџерските испити, објави ММС.

Апсурдна е ситуацијата со огласите за директори, е ставот на градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, додека државата не распишува оглас и не им дозволува на потенцијалните кандидати и сегашните в.д директори да полагаат менаџерски испит. Со тоа, тие не можат да конкурираат на ваквиот оглас и да станат директори.

Со ваква ситуација се соочуваат речиси сите штипски основни и средни училишта, со кои моментално раководат в.д директори, кои на овие позиции законски може да бидат само два мандати. На дел овие в.д директори двата мандати веќе им истекоа и вторите мандати како в.д. директори, додека други вторите мандати им завршуваат наскоро.

-Замислете не дозволуваат никој да полага и да се стекне со соодветна квалификација освен поранешните кадри на СДСМ, а во исто време праќаат дописи дека треба да распишам огласи. Тоа значи дека во оваа држава не владеат закони и се привилигирани оредени лица и тоа го кажувам со конкретен пример затоа што недозволиво е во 21 век, земја која е претендент за ЕУ, да не се дозволува цела година, да се ускрати елементарното право на нашите сограѓани да полагаат менаџерски испити за да се стекнат со соодветна квалификација и да можат да конкурираат на оглас, вели Јорданов.
Тој потенцира дека во штипската гимназија само поранешниот директор, кој е кадар на СДСМ, ги исполнувал условите за огласот и имал положено менаџерски испит. Сегашната в.д директорка, поставена за време на Јорданов, испитот го нема положено.

За ситуацијата да е поинтересна, потенцијалните директори на сите институции под локалната самоуправа положиле неколку испити, но кога стигнале до финална фаза, со промената на директорот на ДИЦ се поништиле сите полагања во изминатата година како неважечки. 32-та сесија е поништена поради правни пропусти кои ги направила директорката на ДИЦ. Кандидатите за полагање платиле по 500 евра, но сѐ уште се немаат стекнато со квалификациите.

-Со одлука на новиот директор се поништија испитите само за да се елиминира потенцијалната конкуренција на кадрите кои во време на СДСМ, не навлегувам на каков начин, добиле соодветна лиценца да бидат директори. Дали ги исполнуваат условите е друго прашање бидејќи ние имаме основано сомнение дека тие немаат соодветни документи, сертификат за положен англиски јазик, а биле назначени за директори на овие институции, вели Јорданов.