Во 2023 година продолжува финансиската поддршка за домаќинствата, вети Ковачевски

„Никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата. Во 2023 година продолжува финансиската поддршка за домаќинствата, за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи како и за замена на ПВЦ алуминиумски прозорци. Со ваквите инвестиции со обновливите извори се овозможува граѓаните да ги задоволат потребите за струја но и да имаат заштеда во време на криза“, соопшти премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција.

Најважно е, рече тој, да се заштитат стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите.

– Во изминативе 12 месеци се вложивме максимално. Донесовме навремени, таргетирани, антикризни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството и успеавме да ја заштитиме македонската економија и животниот стандард – додаде Ковачевски.

Mинистерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека вкупниот буџет на неговиот ресор за следната година ќе изнесува околу 19 милиони евра. Обезбедени се 3,2 милиони евра за реализација на мерки за справување со енергетската криза и за поддршка на домаќинствата и компаниите за спроведување на мерки за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Министерството и во 2023 година ќе доделува финансиска поддршка за лица со ниски примања, а  оваа програма ќе се прошири со други социјално ранливи категории лица, како што се корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување.

Како нова мерка е програмата за надоместување на дел од трошоците за изведба на приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа кај домаќинствата за 2023 година.

Со оваа програма, како што посочи министерот, ќе се субвенционира дел од вкупните трошоци за изведба на приклучокот на дистрибутивната гасоводна мрежа кај домаќинствата во општините каде има развиена дистрибутивна мрежа на природен гас.

За поддршка на малите и средни претпријатија, следната година во буџетот на Министерството за економија се предвидени 1 милион евра, а за поддршка на туризмот – 385.000 евра.

За следната година, за реализација на инвестиции во гасоводната мрежа преку АД НЕР предвидени се 3,3 милиони евра. Овие средства се наменети за реализација на проектите Интерконекција Северна Македонија-Грција, Северна Македонија-Косово, Северна-Македонија Србија како и ЛНГ терминалот Александрополис во Грција.